Кажаа дека има нов француски предлог и ги снема- Ковачевски и Османи како да исчезнаа од јавноста

Соопштија дека добиле според нив добар француски предлог и исчезнаа од јавноста. Димитар Ковачевски и Бујар Османи едноставно како да ги снема. Додека секојдневно траат протестите против францускиот предлог, премиерот последен пат пред медиумите се појави пред точно една недела на петти јули на пресот со Шарл Мишел.

Тогаш Ковачевски се вознемири од прашањето дали откако не успеа да ги убеди македонските граѓани за предлогот од Париз, реши на помош да ги повика европските тешкаши, па одговори дека сме морале сега да одлучиме дали сакаме преговори со ЕУ или не.

-Господинот Мишел изрази желба да дојде во Македонија. Значи не се работи дали претседателот Мишел ќе убеди некого, дали претседател на Влада ќе убеди некого, дали министер ќе убеди некого. Работата е претставниците на народот политичките партии, пратениците во Собранието да донесат одлука дали државата ќе отпочне преговори со Европската Унија или државата нема да отпочне преговори со Европската Унија, тоа е одлуката која што е пред нас, изјави Ковачевски.

Одговори се бараат секојдневно и од Османи, а тој пак минатиот викенд не го одржа редовниот брифинг со новинарите, кој стана пракса секоја сабота. Последен пат се појави на брифингот пред точно 10 дена на втори јули, кога требаше да го објави протоколот за договор со Бугарија, што не е сторено се уште. Тогаш и тој остана на ставот дека предлогот бил добар и последен европски воз за Македонија.

-Со сета одговорност кажувам дека ова е добар предлог, кој што ни го отвора патот, кој што ни овозможува да го фатиме последниот воз за ЕУ, веќе почнаа официјално да се отвораат теми за нови унии, за нова политичка унија. Ова прашање ќе заглави во наредните години и години, тука ние ќе имлодираме од сите кризи можни кои што ќе се појават, од немањето перспектива, изјави Османи. 

Редовните настани и прес конференции ги снема и за двајцата главни функционери во спорот со Бугарија. Османи по втори јули се појави во гостување на Телевизија 24, како и на МРТ на брифингот со уредниците. Но, во последниве едена недела, тој е редовен само со статуси на фејсбук. Ковачевски пак се појави викендов во Охрид на камп на социјалдемократската младина, но за оваа негова посета медиумите воопшто не беа известени.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста