Каде се експонатите од Археолошкиот музеј на Македонија?

Административни проблеми без никакво дообјаснување. Ова е одговорот од Археолошкиот музеј на прашањето на Алфа каде се и зошто недостигаат голем број на експонати, особено оние од античкиот период и зошто цел еден кат не е во функција.

Од Музејот велат дека постојаната поставка била складирана во депо поради меѓународната изложба „100 години Требениште“. Сепак, таа е завршена а полиците останаа празни.

Во меѓувреме е направен нов концепт на експозицијата на вториот кат во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, како и содржинско дообликување на постојаната поставка со наративно збогатување во претставувањето на сите историски периоди, каде што составен дел е и античкиот период. Меѓутоа се појавија административни проблеми. Во моментот кога оваа ситуација ќе биде надмината, поставката ќе биде вратена во својот полн сјај – информираат од Археолошки музеј.

Од Министерството за култура, пак, велат дека не станувало збор за изнесување на експонати надвор од Музејот туку за нивно префрлање во депото зашто тие немале никаква надлежност да постапуваат.

Уредувањето на поставките е во исклучива надлежност на Музејот. Археолошкиот музеј е установа која има директор кој е задолжен да ја води и организира  работата на установата, воедно да се грижи за обезбедување законитост и економичност во работата на установата – велат од Министерство за култура.

Засега е неизвесно дали или кога ќе бидат вратени предметите на сталажите на кои во моментов пишува „Експонатите се привремено отстранети поради конзервација“.

Во моментов Музејот е полупразен. Во него е прикажано богатото културно наследство на Македонија и според она што го пишува на официјалниот веб сајт би требало да има повеќе од 6.000 експонати во оддели за праисториска, античка и средновековна археологија, оддел за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста