Каде и да си, за Бадник дома да си, се крши лепче со паричка, годинава празниците чинат досега најскапо

Бадник 2023 година – многу семејства ќе го одбележат со скромна трпеза. Оваа година кризата се чувствува најсилно, па голем дел од граѓаните ќе стават на маса тоа што можат да си дозволат да го купат. Велат, со толку ниски плати, не може да се очекува на трпезата да има се. Овој месец ќе мора малку повеќе да се стегнат за да ги платат и повисоките сметки за струја и парно. Реагираат дека цените на сите производи се покачени, па ќе мора да се купи само неопходното.

Лепче со паричка, печена тиква, суви пиперки, гравче, посна сарма, риба, пита со праз – кај некого побогато кај некого поскромно. Вака изгледа бадниковата трпеза кај православните христијани.

Граѓаните ги прават последните подготовки за бадниковата и божиќната трпеза – иако поскромно, традицијата мора да се испочитува. Равтовите полни, џебовите попразни, овие празници ќе бидат многу поинакви од претходните, но нека донесат здравје, тоа е најважно.

Мир, благосостојба, радост, топлина во домот, а пред се здравје – си посакуваат граѓаните во овие тешки времиња. За момент да се заборави на маките – не е важно дали трпезите се скромни, кога срцата се полни. За големиот празник пред Божиќ, не смее да изостави бадниковото гранче – симбол на светлина и топлина во домот, симбол на здравјето и вечната среќа.

Утре православните христијани го слават големиот празник Божиќ – традиционално помладите одат кај постарите на семеен ручек. За трпезата на која ќе има месо, руска салата, кифлички, торта, сок и вино, граѓаните оваа година ќе мора да платат многу поскапо од лани.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста