Каде е Груби таму е и Арберија дизајн: Омилената фирма на ДУИ организатор и на „фештата“ на првиот вицепремиер за Коридорот 8

Каде е Аратан Груби, таму е и Арбердија дизајн. Оваа тетовска фирма стана заштитен знак на секоја владина манифестација или прослава на која учествува првиот вицепремиер. Така беше и на поставувањето камен темелник на коридорот осум, каде токму Артан Груби гордо се појави со маичка со бројот осум на себе.

Дали била ангажирана од Владата, Министерството за политички систем, или пак од страна на изведувачот Бехтел и Енка, одговор нема. Поставивме исти прашања и до Владата и до Министерството за политички систем.

Дали фирмата „Арберија дизајн“ е фирмата ангажирана за организација на овој настан организиран од Влада?

Доколку е ангажирана колкави финансиски средства и се исплатени за овој настан?

Инаку последниве 4 и пол години, Арберија дизајн е една од фирмите која најмногу има профитирано од владиниот брак меѓу СДСМ и ДУИ. Имаат добиено повеќе од 60 тендери. Најмногу заработија за организацијата на 20 годишнината од Рамковниот договор во 2021-ва година, кога тендерот за таа цел беше неверојатни половина милион евра.

Фантастични 70.000 евра заработија и летово зад нас, кога го организираа концертот на Министерството за политички систем, за 21 година од Рамковниот договр, оној за кој изрази надеж дека ќе бил новиот Егзит.

Покрај од Груби, Арберија пари добива и од другите институции предводени од интегративците, една од нив и Министерството за надворешни работи. На 21-ви јули лани, од Бујар Османи наплатиле нешто повеќе од 40.000 евра.

Последниот државен тендер го добиле пред само пет дена, на 30-ти март. Од Бирото за развој на образованието, кој е под Министерството за образование, предводено од кадар на ДУИ, добиле нешто помалку од 20 илјади евра.

Инаку, токму Арберија е најголемиот донатор на интегративците од 2015-та година. Околу оваа фирма во септември минатата година, кога постоеја шпекулации дека го добиле тендерот за печатење на учебниците, беше запрашан и Груби, но не беше расположен да говори.

-Не знам. Како да демантирам или да потврдам кога не знам. Не сум во тек со тоа, изјави Груби на 03.09.2022-ра година.

Покрај ДУИ, свои омилени фирми си има и СДСМ, една од нив е Рејтинг, агенција која за 2 и пол години од централната и локалната власт тогаш предводена од социјалдемократите доби речиси еден милион евра. Најмногу добија во август минатата година, кога за промоција на македонското вино во Белград во рамките на Отворен Балкан инкасираа 420.000 евра. Инаку, агенцијата Рејтинг е во сопственост на Никола Спасов, син на Ѓорги Спасов, своевремено министер за правда од 1997-та до 1998-та во Владата на СДСМ предводена од Бранко Црвенковски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста