И македонската храна да ти била бугарска, Софија промовира „Јазик на бугарската кујна“

Бугарија најде начин и преку кулинарството да тврди дека во Македонија се зборува бугарски јазик. Пинџур, зелник, баничка, специјалитети со јагнешко, традиционалните македонски јадења, Бугарија си ги присвои како свои и тоа со обележување на територијата и на Макеоднија.

Кулинарската карта на бугарскиот јазик е раскажана на 128 страници а на нејзината корица, како и на повеќе места внатре ја има и картата на Санстефанска Бугарија.

„Бугарскиот јазик денес, поради промени од вонјазични карактер, се среќава внатре и надвор од државните граници на Бугарија во трите историско-географски области: Мизија, Тракија и Македонија.“ – Извадок од објаснувањето за кулинарската карта од Институтот за бугарски речник.

Книгата со наслов „Јазикот на Бугарската Кујна“ е поддржана од Бугарската Академија на науките.

Алфа побара став од Министерството за надворешни работи – дали ќе реагираат за негиарењето на македонскиот јазик, но и за иредентизмот и територијалните претензии искажани пред се преку картите, со оглед на тоа што изданието е од највисоката научна институција на источниот сосед. Од МНР, по обичај, молк за овие теми.

Ова не е првпат од бугарска страна да се објавуваат карти со голема Бугарија каде влегува и Македонија. Но, властите кај нас не реагираат. Македонските власти молчеа и кога бугарскиот министер Каракачанов по повод 8 март пред две години објави карта на Голема Бугарија.

Тогашниот премиер Зоран Заев заедно со поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, овој потег го нарекоа предизиборен фолклор и не го осудија.

Властите молчат и за последната провокација со која Бугарите најавија отварање на бугарски клуб во Пустец, а тамошниот градоначалник демантираше.

Од друга страна официјална Софија постојано реагира, за се и сешто – испраќа протестни ноти, осуди, се жали во Брисел.
На пример бугарскиот претседател Румен Радев не остана рамнодушен на блиц патриотизмот на Димитар Ковачевски кога односот на Бугарија кон Македонија го спореди со оној на Русија кон Украина и порача, Македонија да смогне сили и да ги внесе како што рече сонародниците на Гоце Делчев во Уставот.

Паула Костадиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста