Бугарите во Уставот, реформи во правосудството, борба против корупцијата, евроскептицизам – пречки и задачи на патот кон ЕУ

Условот од Бугарија со кој мора да го промениме Уставот не единствена пречка на патот до Европската Унија. Мора да се сработат и другите домашни задачи, пред се реформите во правосудството и борбата против корупцијата. Македонија се соочува со сериозен евроскептицизам бидејќи 30 години не може да се приближи до ЕУ. Евроскептицизмот е оправдан, според директорот на Европската Асоцијација на даночни советници во Брисел, бидејќи во државава недостига консензус околу прашањата поврзани со пристапувањето на Македонија кон ЕУ.

Секако дека евроскептицизмот е загрижувачки, но она што е важно е да останеме на тој пат бидејќи е од наш интерес. Се разбира дека ќе имаме забелешки на тој процес, бидејќи бараат од нас многу, бараат да се реформираме. Идејата на тој процес не е да се конфронтираме, туку да најдеме начин како да работиме заедно, да се смениме себе си за да ги добиеме тие бенефити на членството – вели Александар Ивановски – директор во CFE Tax Advisers Europe.

Македонија уште долго ќе биде далеку од исполнување на европскиот сон ако во евроинтегративниот процес не бидат вклучени сите чинители – политички партии, претставници на невладини организации, граѓански сектор. Интеграцијата во ЕУ подразбира промена на начинот на кој работиме, функционираме, соработуваме – ова е главната порака од настанот „Македонскиот евроинтеграциски пат“.

Ова не е процес ниту на Владата, ниту на една политичка партија. Ова е процес кој трае веќе 30 години и не знаеме уште колку ќе трае. Ако сакаме да има успешен, позитивен исход ние мораме да го работиме заедно, и да бидеме подготвени дека добрата комуникација и инклузијата на сите е единствениот излез – вели Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Македонија својата апликација за членство ја има поднесено пред 19 години, а стратешката определба за влез во ЕУ е поставена уште од нејзиното осамостојување. На патот до ЕУ низ годиниве имаше многу пречки – прво условите од Грција и долгогодишниот спор, а сега условите од Бугарија – менување на Уставот. Сепак, дури и да ги исполни сите обврски, никој не гарантира дека Македонија нема да добие ново вето поради некое друго, отворено прашање.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста