И вработените од Водостопанската подружница „Прилепско поле“ преку протест си ги бараат неисплатените плати

         Дваесет и петте вработени и 11-те сезонски работници од Водостопанската подржница „Прилепско поле“, денеска одржаа едночасовен мирен протест заради доцнењето во исплатата на три заостанати плати. Освен ова, велат дека имаат големи тешкотии и со немањето средства за поправка на дефектите, за сервисирање на машините, а немаат ниту опрема за заштита при работа. А заради неажурноста на  Сојузот на синдикати, чија членка се, сите вработени веќе истапиле и од овој Сојуз.

   „Овој протест требаше да го организираме веднаш после недобивањето на втората плата, односно уште во месец јули, но не сакавме да бидат оштетени земјоделците. Но, би сакале да напоменеме дека доколку вработените на водостопанските претпријатија престанат со извршување на своите обврски и сега, после завршувањето на сезоната на наводнување..во прашање ќе биде наредната сезона за наводнување за 2023 година“ – рече Иса Елмазоски, вработен во „Прилепско поле“.

  „Три месеци без плата, кризно време, банки притискаат, кредити од сите страни, децата за на училиште што треба да ги испратат, а немаат средства да ги обезбедат, здравствено осигурување немаме, значи што да биде полошо од ова, јас не знам“, – кажа Горанче Каранфилоски, вработен во „Прилепско поле“.

  Вработените тврдат дека имаат одлична наплата на своите услуги, од дури 98 проценти, но пари за плати сепак нема, заради што сметаат дека е потребно итно реструктуирање на АД „Водостопанство“, кое пак од 2015 година е под државна капа, и дека 14-те подружници треба да работат самостојно.

  Од АД „Водостопанство“ пак уверуваат дека, согласно досегашните преговори, очекувањата им се до крајот на неделава, државата како главен акционер, финансиски да го помогне Акционерското друштво и на сите вработени да им биде исплатена барем по една плата. Оттаму тврдат дека цените на услугите кои што ги нудат не биле променети 7-8 години, заради што претпријатието се ставало во уште потешка економска состојба. И тие сметаат дека АД „Водостопанство“ мора да претрпи итно преструктуирање и реорганизација, но крајниот збор секако ќе го имала Владата.

   Инаку, „Прилепско поле“ опслужува околку 1.800 кооперанти со 450 хектари за наводнување. Годишниот вкупен приход за дадените услуги досега им изнесувал од 12-13 милиони денари.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста