И во голема криза некој прави голем ќар – банките, лабораториите и нафтените компании книжат огромни добивки

Граѓаните со празни џебови, а банките со полни буџети. Додека населението мака мачи како секој месец да ги плати ратите за кредитите кон банките, тие како никогаш досега со екстра профити. Ниту пандемијата, ниту инфлацијата, ниту енергетската криза не удри врз најголемите банки во земјава.

Трите најголеми банки во земјава – Комерцијална, Стопанска банка – Скопје и НЛБ ги зголемија своите добивки пред одданочување на вкупно 70 милиони евра и тоа само во првите 6 месеци од годинава. Тоа е за дури 20 милиони евра повеќе споредено со напрафвениот  профит за цела ланска година.

Комерцијална банка имала најголема актива, но помала добивка пред одданочување споредено со Стопанска банка и НЛБ.

За 6 месеци најмногу заработила Стопанска Банка – 26,5 милиони евра. Оваа банка има и најголем раст на добивката од дури 6,7 милиони евра споредено со истиот период лани.

На второ место според добивката се наоѓа НЛБ со 25 милиони евра или речиси 5 милиони повеќе од ланското полугодие.

На трето место е Комерцијална банка со добивка од 18,4 милиони евра или зголемување од 5 милиони евра.

Народната банка се обиде во 4 наврати да ја заузда инфлацијата и да поттикне зголемување на каматите на кредитите за да се повлечат пари од оптек. Се зголемија и резервациите на банките и задолжителната резерва. Сепак, банките продолжија да книжат асстрономски профити додека граѓаните едвај ги плаќаат ратите и ги репрограмираат кредититте.

Не се само банките оние кои се обидуваат да заработат врз грбот на населенито. Во најголемиот ек на корона кризата приватните лаборатории направија куп пари од тестови за ковид 19. За ПЦР тест 2.500 денари, за крвна слика со д -димери и со CRP – 1.500 денари, за антитела – 1.200 денари. Истиот тренд продолжи и во 2022-та. Редиците пред лабораториите беа огромни. Граѓаните за здравствени потреби во приватните лаборатории лани оставија над 20 милиони евра. Најмногу од населението инкасирале Авицена, Биотек, Никоб Лаб и Синлаб, чијашто вкупна нето-добивка ИЗНЕСУВА 7,8 милиони евра.

Четитипати повеќе лани заработиле и нафтените компании. Вкупната добивка на „златната тројка“ – Окта, Макпетрол и Супертрејд за лани изнесува 45 милиони евра. Со висок профит работеле и на стартот на 2022-ра. Во првите три месеци од годинава бруто добивката на Окта е 10 милиони евра, најмногу поради високите цени на нафтените деривати и големата побарувачка. Тоа е речиси двојно повеќе од истиот период лани.

Додека банките, лабораториите и нафтените компании книжат добивки до плафон, вкупните трошоци на граѓаните растат од ден на ден. Последните податоци се за инфлација од 14 и пол отсто во јуни, сите очекуваат таа да достигне 20% до крајот на годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста