Ислам Абази ќе ја оценува сопругата во Академијата за судии и обвинители?!

Ислам Абази ќе и биде професор и ќе ја оценува сопругата во Академијата за судии и обвинители. За само пет дена откако победи на изборите за шеф на Организиран криминал, Абази доби нова функција. Сега стана член на управниот одбор на Академијата, а токму таму неговата сопруга треба да финишира со школувањето до крајот на годината. Обуката е составена од теоретски и практичен дел и најдоцна до Нова година заедно со колегите, сопругата на Абази треба да полага завршен испит пред да може да биде избрана за судија или обвинител.

И покрај гласните критики на стручната фела изминатата недела за изборот и новиот шеф на Обвинителството за Организиран, Советот на јавни обвинители глатко го изгласа и за член во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители заедно со Фиданка Рајевска, член на Советот, а нивни заменици да бидат обвинителите Бурим Ристеми и Ристе Бојаџиски. Ваквиот предлог бил на заминик-предсетелот на Советот, Арбер Исаку.

Претседателот на советот Антонио Јолевски тврди не знаеле дека сопругата на Абази е на обуката, и најави дека откако ќе проверат дали постои судир на интереси ќе предложи измена на одлуката на седницата закажана в понеделник.

Абази уште во првата изјава пред медиумите, кога беше прашан дали се кандидира за да остави простор неговата сопруга да се вработи бидејќи законот не дозволува двајца обвинители од исто семејство или во брак да работат во исто апелационо подрачје во случајот гостиварското.

  • Согласно законот, јавен обвинител и брачен другар, тоа не смее да бидат во исто јавно обвинителство. Вишото јавно обвинителство и основното не се исто. Јас немам разговарано со нејзе, каде сака она да се вработи “ – рече Абази.  

Абази ја гради кариера на брза лента, а јавноста врие уште по неговиот избор од 66 обвинители за главен обвинител кој ќе гони криминал и корупција.  

Како што објави Алфа, новиот избран раководите на Органзиран е зет на екс директорот на Инспекторатот за транспорт Руфат Хусеини, кој е вклучен во истрагата на ОЈОГОКК, за пропустите на надлежните институции во несреќата со автобусот на „Беса Транс“. Алфа објави и фотографија на Абази со братот на лидерот на ДУИ, Фикри Ахмети. Само два часа порано во првата изјава за медимите обвинителот тврдеше дека нема комуникација со никој од партијата на Интегративците а со нивниот лидер можеби некогаш се сретнале, но, не го познава.

Управниот одбор, каде сега Абази е член, е составен од двајца обвинители и заменици по предлог на Советот на јавни обвинители, со голем број надлежности  меѓу кои и  именување и разрешување на директорот на академијата, како и избор на Комисијата за приемен и завршен испит.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста