Имал алкохол во крвта – Обвинителството со првични детали за виновникот за сообраќајката кај Штип

Дополнителни анализи од крвта ќе го утврдат точниот процент на алкохол во крвта на возачот на „Шевролетот„ во кој како последица од несреќата што се случи вчера напладне на автопатот Штип-Миладиновци починаа сопруга, 15годишна ќерка и баба, информираат од Обвинителството. По дадена наредба од страна на јавен обвинител првичното тестирање кај возачот покажало присуство на алкохол. Семејството се враќало кон Скопје, по веселба во Кочани.

Според првичните информации, по направениот увид од страна на дежурен јавен обвинител од Штип и увидни екипи на МВР  до несреќата дошло кога автомобилот „Шевролет„ со скопски регистарски таблички, започнал да претекнува кочанско возило „Тојота„. Во моментот на престигнување возачот на „Шевролетот„ во кој имало пет патници, меѓу кои и 12 и 15 годишно дете изгубил контрола.

Најпрвин удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Како последица на сударот, двете возила се превртеле во канал покрај патот, при што животот го загубија три лица, а четири беа повредени. Со потешки повреди се здобил сопатникот во кочанското возило.    

Тројца од повредените во страотната сообраќајна, се пуштени на домашно лекување. По направените испитувања во штипската Клиничка болница, утврдено е дека нивната здравствена состојба е стабилна. Четвртиот повреден кој бил сопатник во кочанското возило, се уште е на Клиниката за торокална и васкуларна хирургија во Скопје. Неговата состојба е стабилна, а констатирани се скршени ребра и контузии на белите дробови.

На местото на несреќата имаше и сообраќаен вештак, а по целокупното испитување, јавниот обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката, информираат од Јавното обвинителство.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста