Изнудено извини и тоа „со заби“- не гледал причина за извинување, ама ете ако сме барале ќе се извинел

Премиерот Димитар Ковачевски без да се огради од навредите, како изнудено да им се извини на телевизиите Алфа и Телма. Читајќи од лист хартија одговор на новинарско прашање ни порача дека тој лично немал потреба да ни се извини за јавно искажаните навреди, но ако сме се пропознале во неговите зборови, тогаш ете извинувањето сме го имале.  

-Доколку некој се препознал во тоа што го кажав и ако е тоа вистина и притоа има потреба од извинување, тогаш го имате моето извинување. Морам да сум многу јасен дека не постои професија која што јас не ја почитувам и ценам. Во конктест на вашата работа, моето секојдневно појавување во јавноста, никогаш од претходно не било договорено со некој уредник или новинар, не било договорено какво прашање да ми се постави, изјави Ковачевски.

Читајќи од хартија Ковачевски реши и да на новинарите да им подели лекција како требало медиумите да работат, но и не пропушти шанса да се пофали колку Владата била фина со седмата сила.

-Новинарите имајќи го предвид јавниот интерес имаат обврска објективно и целосно да ја информираат јавноста. Уште од првиот ден се залагаме медиумите да работат слободно, да бидат независни и да бидат професионални и тоа сме го докажале и покажале преку емпириски показатели за транспарентноста на Владата, на владините институции, изјави Ковачевски.

Ковачевски кажа дека не прецизирал на кои медиуми мислел, иако на прес конференцијата пред два дена јасно и конкретно беше запрашан за Алфа и Телма, кои неговиот коалиционен партнер Али Ахмети ги нарече антиалбански.

-(Дали можеби конкретно за овие два медиуми дека се однесуваат антиалбански?) Тоа ќе го прашате господинот Ахмети во тој дел, а што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чија што уредувачка политика повеќе наликува на компанија која што продава енергенси, а има и медиум чија што уредувачка политика наликува на партиски сектор за комуникации, изјави Ковачевски пред два дена.

Можеби извинување добивме, но Ковачевски не сакаше да одговори на прашањето дали останува на својот став дека една национална телевизија била партиско гласило, а друга трговец со енергенси.

-(Дали останувате на своите зборови од пред два дена и дали сте свесни дека такви зборови може да се говорат слободно во меана, а еден премиер не би требало да ги кажува тука од владина говорница?) Јас во детали одговорив на вашето прашање и можете бидејќи се снима оваа прес конференција комплетно да го преземете и да го објавите во вашиот медиум, изјави Ковачевски.

Ахмети пак вчера се правдаше, не биле телевизиите виновни, гледачите биле лоши. Лидерот на ДУИ сепак не покажа доблест да се извини, ни држеше лекција дека „сме требале да работи за првилно да сме ги ориентирале граѓаните“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста