Извештајот на Европската комисија пред пратениците – власта се фали, опозицијата критикува

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ главна тема на Советот за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања. Случувањата со Законодавниот дом уште еднаш ја покажаа поларизацијата во парламентот која беше нотирана и во извештајот – власта и опозицијата различно ги толкуваат забелешките од европските институции.

“Во речиси 50% во областите каде што Македонија е оценувана, Македонија или нема напредок или има незадоволителен напредок” – вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Милошоски.

„Не ми е намерата да кажам дека нашата држава сторила се. Не. Нашата држава има скоро 50% усогласеност со правото на ЕУ, но има уште речиси толку да се сработи“ – вели пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, посочувајќи на големиот број забелешки за Собранието, потсети на несработените домашни задачи и потребата од консензус за потребните реформи. За вицепремиерот Бојан Маричиќ, Македонија добила позитивен извештај во пресрет на билатералниот скрининг кој треба да започне идниот месец.

“Последниот извештај не е само оценка за настаните и препораки за подобрување, туку сега повеќе од кога било е упатство за како да се напредува во процесот на пристапување, во однос на многуте реформи” – изјави евроамбасадорот Гир.

“Ова е вистинското место каде треба да го дискутираме извештајот, и од каде треба да доаѓаат пораките за како понатаму, особено сега кога сме држава преговарач за полноправно членство во ЕУ” – изјави вицепремиерот Маричиќ.

Според Извештајот за 2022 година, Собранието се покажа како најслабата алка, а критиките главно се однесуваа на политичката поларизација, злоупотребата на механизмот „европско знаменце“ и кочењето на важни закони. Токму затоа Европската комисија посочи на потребата од конструктивен политички дијалог и зајакнување на улогата на Законодавниот дом, посебно во делот на спроведувањето на реформите кои е од големо значење за македонските евроинтеграции.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста