„Избрани од Бога“ – децата со посебни потреби и нивните родители го немаат нужниот третман од државата

Секојдневна 24-часовна грижа, безбројни непроспиени ноќи исполнети со стравот дали и како ќе се дочека новиот ден и личен живот целосно посветен на животот на своите деца. Тоа е животната борба на родителите на децата со посебни потреби кои се’ погласно реагираат дека државата многу малку има слух за пеколот во кој ги фрлила судбината.

  „Правевме и протести, пробувавме и да молиме. Не можам да ја опишам таа тага, таа болка што ја имаме внатрешно сите родители секој ден што се справуваме со нашите деца. Да не слушне и Владата на РМ и сите тие хумани луѓе, добронамерни луѓе, малку од малку да ни одмалат од маките наши. Се трудевме да ни дадат и дневни центри, и асистенти, само тешко оди. Досега никој не нема слушнато од државата, да не викне, одбиваат да разговараат со нас“, – вели Гоце Лефтеровски од Битола, родител на дете со посебни потреби. 

   Оставени на маргините од општеството, заборавени и препуштени сами на себе, како што велат, со минималната парична помош од стотина евра месечно која ја добиваат од државата, овие луѓе сега се принудени, организирани преку ново здружение, да молат за донации.

  „Сега засега одиме по фирмите, добро сме прифатени. Претежно од приватните фирми. Од државните институции малку е потешко. Ете, посебниот додаток ни беше поткренат само 15 проценти. Тоа значи од 5.300, сега од прилика се околу 6.100 ден. Со тие пари за тие деца, ништо не можеме, буквално ништо“, – објаснува Горан Камчески, претседател на Здружението „Избрани од Бога“ од Прилеп.

   Разочарани од вртлогот на институционалната незаинтересираност, родителите бараат државата конечно да стане свесна дека и овие деца, а чиј број, за жал станува се’ поголем, заслужуваат достоинствен живот, бидејќи доволно било што се казнети уште со самото нивно раѓање. Велат, ги боли и тоа премногу ги боли тоа што институциите на нив посветуваат внимание само на празници, главно само за сликање.

  Инаку, ова ново Здружение со седиште во Прилеп, формирано е пред еден месец и веќе брои околу 60-тина членови од повеќе градови во земјава. Опфаќа деца со секаков вид на попречености во развојот. Нивна прва активност беше организирањето на предновогодишната забава за дечињата, обезбедена преку донации од хумани луѓе и фирми.

Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста