„Златна кокошка“ во рацете на дриблерот Груби: Влада ќе му даде институција која врти 10 милиони евра годишно

Јас сум како што знаете спортски тип. Јас дриблам, порача Груби.

„Златна кокошка“ во рацете на Артан Груби. Институцијата која што годишно врти речиси речиси 10 милиони евра ќе се претопи во Министерството за политички систем, кое го предводи првиот вицепремиер. Во последниве четири години Агенцијата за млади и спорт, која според најавите веќе нема да постои од државниот буџет добила речиси 40 милиони евра за четири години.

За 2023-та за Агенцијата за млади и спорт се предвидени речиси 8 милиони и двесте илјади евра, а посебно интересна е ставката именувана како буџет за субвенции и трансфери, според која од АМС ќе се одлеат нешто помалку од пет милиони евра.

Во овој сегмент се ваучерите кои за голем број спортски клубови претставуваат единствен начин за преживување. Според финансиите јасно станува зошто ДУИ сакаат и договориле да ја добијат Агенцијата за млади и спорт.

-Согласно реорганизацијата на органите на државната управа нели, Агенцијата за млади и спорт треба да стане дел од Министерството за политички систем, изјави Груби.

Ваков развој на настаните би претставувало рушење на едно од ветувањата и заложби на СДСМ, за формирање на Министерство за млади и спорт, за што говореше и првиот човек на социјадемократската младина, Марко Михаилоски.

-Министерство за млади. Посакувам сите млади да добиеме министерство за млади, кои што тој процес би го иницирале следната година и веќе еднаш, агенцијата за млади и спорт, да прерасне во министерство за млади, изјави Михаилоски.

Доказ колкава финансиска тежина има ова Агенција се ваучерите, кои на одредени федерации и клубови им го покриваат речици целиот буџет. Оваа година 14 милиони денари ќе добие ракометната федерација, 12 милиони и 300 илјади кошаркарскта, а одбојкарска ќе добие 10 милиони и 800 илјади.

Кога се клубовите во прашање најмногу ќе се офајди кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје, аеродромци ќе добијат 13 милиони денари. Шкендија и Шкупи ќе добијат по 11 милиони и 500 илјади, додека Академија Пандев ќе добие 10 милиони 500 илјади.

Покрај правните субјекти, вкусен е колачот кој го добиваат и самите спортиси. За оваа година најбогат ваучер од 500 илјади денари ќе добие сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски, 450 илјади Оливера Бикова, а 400 илјади Игор Стефановски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста