Зимата пред прагот, Владата сè уште нема обезбедено струја и гас

Владата сè уште не договори увоз на струја ниту од Бугарија, ниту од Турција. Часовникот отчукува, а од ден на ден исходот од преговорите е се подалечен. Министрите во последниве две недели имаа обиколка, односно роуд шоу во потрага по евтини енергенси и струја, но засега само со делумен успех. И Бугарите, а сега и Турците нудат цени над 300 евра за мегаватчас струја, што е пониска од пазарната, но многу повисока од онаа што ја бара бизнисот од 150 до максимум 200 евра. Ваквата понуда до пред некој ден за Владата беше неприфатлива, а сега наеднаш откако стана извесно дека задоцни со подготовките за претстојната зима, Вицепремиерот Битиќи уверува дека секоја понуда која вклучува цени пониски од оние на берза е добра понуда.

Битиќи упорно уверува и дека Скопјани ќе имаат парно на време. Сепак државната ЕСМ сè уште не доби лиценца за производство на топлинска енергија бидејќи никако не може да се договори со сопственикот на топланите Адора бидејќи инсистира на закуп, а АДОРА сака целосна продажба во висина од над 9 милиони евра. Во случај ако двете страни не се договорат, БЕГ е обврзан да ги грее граѓаните до преземањето од страна на државата. Грејната сезона почнува на 15-ти октомври, но доколку временските услови се заострени како моменталните, таа може да стартува и на први октомври. Надлежните упорно тврдат дека проблеми ќе немало, гас ќе се обезбедел навреме, а радијаторите ќе биле топли.

И додека најсиромашните во Македонија веќе 4 месеци го чекаат пакетот помош од државата во износ од 76 милиони евра, Владите во соседните држави кои се подготвија навреме за претстојната зима и обезбедија струја и енергенси, на големо им помагаат на граѓаните и стопанството. Кај нас, 1500 компании кои се на слободниот пазар на струја плаќаат и до 500 евра за мегаватчас струја во моментов. Во Србија, на пример, последната одлука е оние потрошувачи кои немаат загарантирано снабдување, кои не се на регулираниот пазар и фирмите од одбранбениот сектор да добијат електрична енергија по субвенционирани цени од 86 до 123 евра за мегаватчас струја.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста