Зеќири не се чуствува виновен, Обвинителството тврди дека ќе го докаже спротивното

Мухамед Зеќири не се чуствува виновен. Не го злоупотребил ниту буџетот ниту службената положба при склучувањето на двата консултански договори вредни 1,5 милиони евра. Како сведоци ќе ги повика екс колегите во владата Битиќи и Бочварски и екс директор на Пошта Макрадули за пред судот докаже дека не ги сторил кривичните дела за кои го товари Обвинителството.  

„Сакаме да докажеме дека законодавецот сосема друго сметал и предвидел, а не ова на кое обвнителството сака да влијае. Сведоците, кои се патем и членови на економскиот совет на Владата, присуствувале и биле запознаени за сите овие дејствија на генералниот секретар, што е негова обврска. Сосема е неточно тврдењето дека нешто се работело во четири очи. Тоа се доказите на кои одбраната ќе се потпре и сигурен сум дека ќе докажеме дека во дејствијата на Мухамед Зеќири нема никакво кривично дело, а не пак вакво какво што е ставено во обвинението“, рече Вујиќ.

Наспроти ова, обвинителката Катерина Коларевиќ тврди дека со материјалните и вербални докази, како и вештиот наод, ќе го докажат товарот. Коларевиќ вели Владата не му дала одврзани раце за да склучува договор во четири очи.

„Обвинетиот Мухамед Зеќири извршувал именувана функција генерален секретар на Влада на Република Северна Македонија и како носител на таква државна фунција го сторил кривичното дело во рамките на кое со умисла, што значи свесно и со своја волева намера, не спровел соодветни постапки за јавни набавки како што истото е предвидено согласно Законот за јавни набавки во Република Северна Македонија, а двете конкретни услуги се однесуваат на вршење на договори за консултантски услуги“, рече обвинителката.

Зеќири според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во повеќе наврати, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале двајцата осомничени хрватски државјани. Сомнежите се дека Зеќири го оштетил државниот буџет за речиси еден милион евра кои завршиле во приватни фирми.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста