Земјоделци за Алфа: Новиот владин предлог-модел за субвенционирање ќе биде на наша штета

       Македонските земјоделци се против новиот предлог – модел за субвенционирање кој треба да стапи на сила годинава и со кој  30 посто од субвенциите земјоделците треба да ги добиваат авансно на почетокот од годината, а додека останатите 70 проценти дури на крајот. Велат, тоа ќе било погубно за нив, бидејќи таквиот модел, иако бил квалификуван како европски, тој не соодветствувал на нашиве македонски услови.  

   „Со тој новиот модел ние ќе ги изгубиме субвенциите, зашто по единица хектар не можеме да добиеме никаква субвенција затоа што тука во Пелагонија имаме 2.000 хектари земја која не можеме да ја пријавиме никако во Платежната агенција, бидејќи таа е времено земена од ЗК „Пеланогија“, не е сопственост. Имотно-правните односи ни се голем проблем, не се решени во ниедна катастраска општина, а во Платежната се бара КП-број на парцела“,- објаснува Тони Петковски, земјоделец од битолско.

  Петковски вели дека проблем ќе е и условот – субвенционирањето да биде по предадена количина на пченица, пченка и други култури, бидејќи кај нас немало соодветни откупни капацитети, па производството ќе скапувало или по нивите, или во амбарите.

   На ваков сличен став се и тутунарите.

   „Ќе побараме субвенционирањето секогаш да биде после завршувањето на откупот, или како секогаш што се исплаќало – во април месец, тогаш кога им се најпотребни парите на тутунарите. Пред почетокот на сезоната, тогаш е најголемото вложување, тогаш се подготвуваат нивите, треба да се сади и секое задоцнување на субвенциите ќе биде на штета на тутунарите“, посочува Мендо Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

   Според Владата пак, годинешниот буџет  наменет за земјоделието бил најголемиот досега, вреден околу 12 милијарди денари. Тој бил поставен на пет клучни столбови – реформа во земјоделството, нов модел на субвенционирање, фокус на малите производители, капитални водостопански инвестиции, зелена транзиција и модернизација на земјоделското производство, што значи над 200 милиона евра ќе биле за земјоделците.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста