Земјоделците се закануваат со масовни протести

Доработување на новиот систем за субвенционирање или масовни протести, се заканија од Независниот синдикат на земјоделците. Ваквата најава следи откако ресорното министерство објави дека  од  јануари наредната година ќе се применува нов начин на субвенционирање. Ова  за земјоделците би значело дополнителни трошоци, а стравуваат дека добар дел од нив и ќе ги загубат субвенциите.

  • „Она што нас не загрижува е предлог Законот за субвенционирање. Со него ќе се условуват земјоделците да мора да плаќаат осигурување на површините што значи дека оние од 1800 до  2000денари по единица декар субвенции поголем дел од нас нема да ги добиваат бидејќи ние не сме способни да плаќаме толку големи трошоци на државата„-изјави Стојче Ташовски, земјоделец.

Наместо перспектива, новиот начин на субвенционирање ќе ја уништи и последната надеж кај земјоделците, сметаат од Независниот синдикат на земјоделци. Според претседателот на синдикатот, Ставре Јанев  немилосрдно е да ги условуваат со задолжително ангажирање на агрономи и   осигурување на посеви, во време кога голем дел од нив, својот род го продаваат по цена пониска од производната.  Јанев смета дека на земјоделците треба  да им се понуди опција, а не да се стават пред свршен чин.

  • „Вие да воведувате нови трошоци, нови задолженија за земјоделците тоа значи дека земјоделието според наше размислување е доведено до прашање за неговиот опстој, понатамошната динамика на производство. Лично мислам дека најголем дел од земјоделците ќе се откажат од производство„-изјави Ставре Јанев од Независниот синдикат на земјоделци.

И додека земјоделците стравуваат од она што ги очекува по новогодишните празници, власта уверува дека со новиот систем на субвенционирање  македонското земјоделство го приспособуваат на европските патеки. Тврдат дека ќе на овој начин ќе се спречи сивата економија, а ќе се зголеми производството на домашна храна во државата.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста