Земјоделците лути на министерот, не даваат со нивното приватно, необработено земјиште да стопанисува државата

 Во Македонија има вкупно 540 илјади хектари земјоделско земјиште, од кои 85 илјади хектари се државно необработено земјиште и 90 илјади хектари приватно. Заради кризата, Министерството за земјоделство веќе ги подготвило измените на Законот за земјоделско земјиште според кои и приватното необработено или напуштено земјиште, државата ќе им го давала на користење на оние кои сакаат да го работат. Според ресорниот министер Љупчо Николовски, сега ќе се правеле и деталните анализи за овие измени, се’ со цел да сме биле подготвени со сите мерки и политики во делот на храната. Ова пак, ги налути македонските земјоделци. Велат дека тие, под  ниеден услов нема до го дадат својот личен имот, сеедно дали го обработуваат или не.

  • „Се работи за чисто непочитување ниту на Устав, ниту на право, ниту на закони, затоа што приватната сопственост е со Устав загарантирана и за она што е сопственост на некој одлучува самиот сопственик, ни министерот, ни некое министерство. Така што мислам дека министерот или не ги познава законите или едноставно е тргнат навистина да го уништува земјоделството, па веќе не знае ни што прави“, – вели Васко Јосифовски, земјоделец од битолско.

  Она што особено ги иритира и онака гневните земјоделци е тоа што тие воопшто не биле консултирани околу овие најавени законски измени.„Одлука донесена во име на некого, за сметка на имотот на некој, навистина ниту е логична, ниту е спроведлива, а најмалку законска“, реагира Јосифовски.

  Загрижените земјоделци кои имаат необработено земјиште, бурно реагираат и на социјалните мрежи.

  • „Така на времето, му правеле Грците и Бугарите на Македонците. Им го земале земјиштето за на крај да ги избркаат и од нивните домови“, „Ќе го давате, ако е ваше земјиштето, затоа луѓето плаќаат даноци, го соголивте народот до гола кожа, како не ви е срам“, „Овој мисли дека земјата која не е обработена е од татко му, па ќе ја дава на други, е па „мало сутра“, се само дел од реакциите на земјоделците на социјалните мрежи.

 Инаку, стравувањата кај земјделците се дека најголем дел од земјиштето ќе им се одземало не за производство на храна, туку за поставување на фотоволтаици, бидејќи, како што велат, и сега во Македонија имало полни амбари со жито, но државата не го купувала домашното, туку увезувала од надвор.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста