Здружението „Фондација Македонија“ за зближување на народи или само за ништење на Македонците?

Кој упорно преку активности на здружение ја негира историјата на Македонија и дрско провоцира? Гледајќи низ призмата на настаните очигледно е дека потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија родија искри кај Бугарите за агресивна реторика врз историјата на Македонија, Па така во април, во 2021 г. никна бугарското здружение „Фондација Македонија“ која на македонска територија шири бугарска вистина, а  последниве месеци нејзините активности се проширија и во Албанија, Косово и Србија.

Претседателот на фондацијата Виктор Стојанов тврди дека организацијата е формирана и поддржана заради волјата на неколку илјади Бугари и над 1000 Македонци во земјава.

Иако преку дел од активностите ја негираат посебноста на македонскиот народ и шират територијални претензии, од Фондацијата тврдат дека имале цел да ги зближат Бугарите и Македонците.

„Работиме на тоа, постојат Македонците коишто сакаат само Бугарите да ги уживаат своите права и да бидат рамноправни и интегрирани во општеството. Да може некој ако е  советник на Османи и Ковачевски во министерствата и ако е Бугарин да не биде отпуштен и да нема проблеми, вели Виктор Стојанов, претседател на „Фондација Македонија“.

Од самото постоење на ова здружение, преку Фејсбук објави, секојдневно се упатуваат навреди за македонската нација. Фондацијата преплави дел од македонските градови со лепенки на кои пишуваше еден народ сме, објавува карти на кои меѓу Македонија и Бугарија нема граници, дели литерарура, па и дури и пакети храна. Стојанов објави карти во кои не постои граница меѓу двете држави, за потоа да негира дека мислел на територијални претензии.

Провоцираше и со налепници. Еден народ сме, ваков текст каде се споени македонско и бугарско знаме осамнаа во главниот град.  Преку герила акција низ скопските улици се читаше за тезата на Стојанов според која Македонците и Бугарите биле еден народ во две држави. Тој има познавање и од историја. За македонското востание „11 Октомври“ Стојанов смета дека тоа не е востание туку герила акција на Тито, а нашите херои како што појаснува биле фатени од бугарската полицијата во Прилеп за неколку часа. И тука не застануваат навредите за нашата историја и херои. Летоска се појави бугарско знаме на споменикот на Делчев среде Градскиот парк во Скопје, а со чинот се фалеа, велејќи дека го исчистиле споменикот. Не помина многу време, следуваше нова серија провокации.

„Бугарите да ја купат македонската економија, бидејќи кој ја контролира економијата, контролира се“. Од Фондацијата порачаа дека време е Бугарите да купуваат акции во македонските фирми, со цел да преземат контрола врз Македонија. Потоа акцент ставија и на образованието. Стојанов и неговата фондација нудеа по 30 евра месечно за секое дете што ќе го изучува бугарскиот литературен јазик.

И покрај секојдневните провокации на фондацијата и објави во кои упорно се негира историјата на Македонија и се тврди дека Бугарија никогаш не била окупатор, а ние како нација до 1944 година сме биле провинција на кралска Југославија сепак Стојанов тврди дека Бугарите биле тие кои трпеле неправди. Тој не открива кој ја финансираа оваа организација и стои на ставот дека главниот проблем е необјективното гледање на Македонците за историските факти.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста