За 6 години ниту една мафијашка пресметка не е расчистена, еден од фактите што Спасовски го изуми

Маж со нож убил жена, сосед со секира усмртил две лица, 40 годишен маж до смрт ги претепал мајка му и баба му во центарот на Скопје, приближно ова се расчистените убиства во Македонија, додека мафијашките престрелки, ликвидации и егзекуции како таа во старата скопска чаршија остануваат нерешени со години. Токму ставањето на сите случаи во ист кош, МВР го користи за да статистички и покаже на јавноста дека криминалот опаѓа, што е далеку од реалноста. Па така, Министерството за внатрешни работи во обид да покаже успех со расчистувањето на убиствата располага со статистика од која може да се заклучи дека во последниве 10 години само 10 % од убиствата во земјава се нерасчистени, а притоа за ниту една мафијашка пресметка или ликвидација во последниве 6 години, не постои ниту еден обвинет, ниту осуден.

Твит Оливер Спасовски, министер на МВР

Нема заштита за ниту еден и треба да бидеме на јасно дека заврши времето кога имаше заштита, за убиство на Мартин Нешковски, заштита за низа на убиства кои се случуваа во тоа време и кога ова МВР беше нарекувано со едно друго име. Фактите се тие, а пред фактите и боговите молчат, се пофали министерот“.

И додека министерот се фали со статистичките бројки, цитирајќи дека пред фактите и боговите молчат, да видиме што покажуваат фактите. Полицијата засега не знае ниту кој, ниту зошто или што е мотивот зад двојната егзекуција во старата скопска чаршија. Освен информациите дека станува збор за нарко босови и нивни меѓусебни нерасчистени сметки официјално МВР засега не открива ништо од истрагата. Убиениот Жила не го дочека расветлувањето на вооружениот напад што го доживеа во Александар Палас во 2019 година, а исто така не дочека ниту прочуениот во криминалното подземје Камер Идризи, кој ја преживеа престрелката, но беше убиен по две години, а МВР не откри кој го уби. По една година од убиството на помладиот брат, во пресрет на празникот Рамазан Бајрам беше убиен и постариот Јонуз Идризи со пукање од автобил во движење додека седел во чајџилница во скопски Чаир. И во таа пукотница каде имаше и повредени и очевидци, но инцитендот расврска досега не доби.

МВР Се уште не ги најде строителите на двојното убиство во Чаир кое се случи на 5 март пред две години кога беа убиени две лица на воздраст од 28 и 24 години. Полицијата тогаш на местото на настанот најде чаури од пиштол и автоматска пушка,а не е позната  причината за убиствата,  како и тоа кој стои зад нив.

Не се целосно расчистени ни случаите со убиството на Рузвелтова од 2018 година, ниту пак кој пукаше на Партизанска во близина на Лептокарија. Долга е листата на нерасчистените мафијашки ликвидации за кои МВР досега не открила кој стои зад нив.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста