За Јовески немало ништо спорно: Синот на Талат Џафери и сопругата на Абази биле квалитетни, да им дадеме шанса да се докажат како јавни обвинители

Синот на Талат Џафери и сопругата на Ислам Абази покажале резултати и нема ништо спорно во нивниот избор за јавни обвинители, вели републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Барлет Џафери и Албулена Абази, едниот син на собранискиот спикер, другата сопруга на шефот на Обвинителството за организиран криминал, биле меѓу најуспешните ученици на Академијата за судии и јавни обвинители, па според главниот обвинител во Македонија, не требало да се бара проблем во тоа што најблиските на овие функционери се избрани за овие позиции.

-Овие лица кои вие ги споменувате учествувале во огласот за упис на Академијата за судии и јавни обвинители, која има доста строги критериуми. На тој упис покажале соодветни резултати и биле примени во Академијата, со успех ја завршиле Академијата и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе, изјави Јовески.

Јовески вели се било според закон, требало да им се даде шанса на овие луѓе да покажат што знаат и можат.

-Уште еднаш да бидам сосем јасен, на овие луѓе треба да им се даде шанса, тие луѓе завршиле соодветно образование и ги исполнуваат сите законски услови да можат во соодветна постапка бидат избрани за судии и јавни обвинители, изјави Јовески.

Во одбрана на својот син, застана и Талат Џафери, не бил единствено дете на функционер кое дошло во ваква позиција.

-Колку синови и ќерки има, па никому ништо. Тој треба да си работи професионално, а другото времето ќе покаже. Мојот син ќе треба да бира, или да работи професионално или да оди во затвор. Кој се сомнева, нека се сомнева, кажа Џафери.

Од Абази нема никаков коментар за информацијата дека сопругата му станува колешка. Инаку и самиот негов избор за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал, беше спорно во јавноста. Се појавија фотографии, каде тој е на маса заедно со братот на вечниот лидер на ДУИ, Али Ахмети. За овие фотографии Абази кажа дека биле од прослави и свадби, бидејќи биле од исто село, а контакти блиски со функционери немал.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста