За спас на судството изгледа ќе треба и Божја помош

„Само Господ може да го спаси судството“. Изборот за нов претседател на Судскиот Совет се случи, но тоа нема да ја подобри туку дополнително ќе ја сруши и така уништената доворба кај граѓаните за највисокото тело во судската власт. Наместо оставки, тајни состаноци и договарања е епилогот кој што јавноста го виде по итната седница после  работното време. Поранешниот претседател на Советот, Караџовски смета дека ова би можело да стане пракса во Судскиот Совет – секоја нова недела да има избор на нов претседател.

  • Во иднина можеме да се соочиме со случај Судскиот Совет секоја недела да го разрешува својот претседател и назначува нов, што не би било соодветно за никого ниту за самиот Судски Совет. За вчерашните седници, тие затворените не би можел да ги коментирам што се случувало затоа што беа затворени за седниците. Проблематично е тоа што се случувало, со оглед на одредбите на законот за Судски Совет, кои се однесуваат за исклучување на јавноста од седниците“ вели за Алфа, Зоран Караџовски- поранешен претседател на Судскиот Совет.

Конечно реакција испрати и Здружението на судии во кое содржи само флоскули за независно судство. Тие се надеваат на независност на Судскиот Совет и го повикаа да ги одбие сите влијанија и притисоци од надвор.

  • Потполна самостојност и независност, одбивајќи ги сите евентуални влијаниjа и притисоци во неговото функциионирање и одлучување, низ еден кохезивен пристап и почитување на  законските процедури и практиките на доброто владеење како посебна и самостојна власт“ стои во соопштението на Здружението на судии.

Страшна трговија со влијанија се случува во Судскиот Совет оценува и Антикорупциска.

  • „Се случува страшна трговија со влијание, позадински врз членовите на Судскиот совет, од страна на некој којшто има интерес“, смета претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска.

 Нов претседател, стари ветувања за транспарентност и враќање на довербата во правосудниот систем. Сашко Георгиев по изборот, рече верува во себе, во членовите но и во Господ.

  • „Јас сум верник.. Верувам во Господ, верувам во себе, во Вас, во сите колеги“, рече Георгиев.

И наместо транспарентно работење, континуирано отстапување од Законот за Судскиот совет и стандардите за транспаретно и отчетно работење, бележи и Коалицијата „Сите за правнично судење“.

  • Во вакви исклучителни ситуции кога за да биде подобрен имиџот на Советот и судството во целина се потребни исклучителни напори за транспарентност и отчетност во работењето“ реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Речиси цела правна фела забележува на начинот работа на Советот и непочитувањето на законските норми, но тоа не го предомисли мнозинството членови да го изберат Сашко Георгиев за претседател. Далеку од очите на јавноста и самите го констратирале незаконското разрешување на Дамева, па одново ја разрешиле. Таа пак возвраќа дека на сите им било јасно зошто ја тргнале од претседателската позиција, но останува да биде член на Советот – идентично како и нејзината претходничка Црвенковска.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста