За Османи немало ништо спорно: Средбата со Рама ќе била обична новогодишна дружба

Новогодишна дружба, ништо сериозно немало да биде средбата на Еди Рама со Али Ахмети и другите албански политички лидери од Македонија, барем ако можеме да веруваме во зборовите на министерот за надворешни работи Бујар Османи. На една таква средба пред шест години се појави т.н. Тиранска платформа, која тогаш беше услов на ДУИ да влезе во Владата. Според зборовите на Османи сега немало да има такви потреси.

-Средната во Тирана е новогодишна средба ако можам да кажам односно средба на премиерот на Албанија со лидери на политички партии од почетокот на новата година со цел размена на мислења по однос на актуелностите во регионот, очекувањата во новата година, посакување за една подобра соработка во текот на оваа година, изјави Османи.

Османи вели дека не требало да се гледа чудно на оваа средба, бидејќи Рама бил голем пријател на Македонија, па дури и за нас ги загрозувал интересите на Албанија.

-Премиерот на Албанија е докажан пријател на Македонија, посебно тоа го докажа во овие години или месеци преговори со Република Бугарија кога буквално некогаш и на сметка на интересите на Албанија се изложуваше кажувајќи ги позициите и на Македонија во тој дел. Така да навистина не верувам дека треба да се стори некаква конспирација по однос на овие средби, изјави Османи.

Оваа средба на која што се поканети сите лидери на албанските партии ја иницира албанскиот премиер Еди Рама, во период кога главна цел на власта во Македонија се уставните измени. Покрај Ахмети во Тирана сигурно ќе замине и Арбен Таравари од Алијанса за албанци, дали ќе одат се уште е непознато за Мендух Тачи и Африм Гаши, а сигурно нема да присуствува лидерот на БЕСА, Билал Касами. Од неговата партија велат дека не сакале да седат на маса со лидерот на ДУИ.

-Тој никогаш не е спремен да зборува со нас, дури во некои медиуми не има и навредено како злобници. Ако сме ние злобници тогаш не гледаме никаква причина да седнеме со него на иста маса, кога нему му е потребно, затоа што на ДУИ му е потребна таа средба, изјави Зендели.

Инаку, пред точно шест години точно на Божиќ на една ваква средба со Еди Рама и лидерите на албанските политички партии од Македонија се роди т.н. Тиранска платформа, која низ годините е исполнета речиси цела.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста