За журки, службени коли, скапи ручеци и канцелариски мебели народни пари има на претек, маратонот го оставаат да умре

Од маратонот надлежните кренаа раце, ама за лусузна журка за рамковниот, скапи мебели по канцелариите, автомобили со металик боја а службени, екстра порции по кафеани со образложение дека се неопходни службени ручеци – пари има и на претек. Тоа не се шпекулации туку факти од ревизорски извештаи и анализи на јавните набавки. Еве за што се Владата односно институциите наоѓаат веднаш пари, додека охридскиот маратон за малку го прогласија за мртов.

Традиционалниот Охридски пливачки маратон заминува во историјата, зашто Претседателот на државата, Стево Пендаровски одби да биде покровител. Ама затоа државата има да се луксузира со 100.000 евра за прослава по повод Рамковниот договор, владини трошења за набавка на мебел во време на криза, купување цвеќиња и хотелски услуги, набавка на луксизни автомобили за време на пандемија, а за прославата за „Илинден“ не ни дознавме колку пари беа дадени.

Последно во низата се 100-те илјади евра народни пари за прославата на 21-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор. Нејзин организатор беше Министерството за политички систем, а фирмата која го доби тендерот за организација е „Арберија Дизајн“ од Тетово. Само во последните 4 години фирмата добила 61 тендер во вредност од 4 милиони евра. Првиот вицепремиер Артан Груби има намера оваа манифестација да ја претвори во традиционален фестивал.

Додека 60-годишната традиција на маратонот исчезнува, а државните институции трошат без усул, потврдуваат и извештаите за јавните набавки. На пример, од Здравствениот дом Тетово набавиле автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја од парите за справување со пандемијата. Возилото чинело речиси 21 илјада евра.

Од кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски за Алфа велат дека тој не одбил да биде покровител, туку од Федерацијата му рекле дека нема да може да се организира.

  • Кабинетот на претседателот имаше координација со владини претставници, Агенцијата за млади и спорт, како и со претставници на федерацијата, при што претседателот доби уверување дека ќе се направат вонредни напори за одржување на маратонот, велат меѓу другото од кабинетот на Претседателот.

Пари за концерти со гостувања на турбо-фолк пејачи исто така има, ама за Охридскиот маратон, не. Откако Министерството за култура кажа дека нема да даде пари за организирање на музичкиот фестивал „Џој Фест“ во Крива Паланка каде ќе настапи Аца Лукас, градоначалникот Сашко Митовски, сепак уверува дека настапот на српскиот турбо-фолк пејач ќе се одржи, зашто бил во чест на Денот на рударите. Градоначалникот рече дека пари ќе биле обезбедени преку спонзори. Аца Лукас никогаш не пее под 25.000 евра, иако велат дека тој чинел 15.000 евра.

 Концертот на Аца Лукас еден од поголемите спонзори е и самиот рудник во Крива Паланка, „Булмак 2016“, бидејќи неговиот настап е за Денот на рударите, по нивна желба, изјави градоначалникот Митовски, кој нагласува дека настапот на Лукас е по желба на граѓаните, на нивно барање. 

Јавноста остро го осудува овој чекор кој е директно уништување на македонското пливање, спортот како и промоцијата на традиционалниот Охридски маратон. Граѓаните дури и самите се нудат преку разни акции и донации да ја спасат 60-годишната традиција во Македонија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста