За бугарските молк, за „Никола Вапцаров“ гласни: Османи жестоко против отворање на македонскиот културен клуб во Благоевград

Отворањето на „Ванчо Михајлов“ со целиот бугарски државен врв среде Битола не беше проблем, но за македонските власти проблем стана македонскиот културен клуб во Благоевград. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, жестоко против отворањето на „Никола Вапцаров“, било непотребно, па поради тоа во недела нема да оди во Бугарија. Османи е на ставот дека ваквите културни клубови, и во Македонија и во Бугарија воопшто не помагале на добрососедските односи, ниту на обичните луѓе.

-Многу ми е полесно jас сега пред вас да кажам мора да се отвори клубот таму, граѓаните мора да ги почитуваат сите права во Бугарија. Сигурно ќе имам одлични текстови во медиумите, но не правам услуга на луѓето таму, ниту на интересите на државата, ниту на меѓусоседските односи. Јас тој пат сум го избрал и сум убеден дека тоа е правиот пат, изјави Османи.

Власта која порача дека поради потпишаните договори не може да се грижи за правата на Македонците во Бугарија кои немале македонско државјанство, не покажуваше интерес кој стои зад бугарските културни клубови во Македонија, во периодот кога тие се отвораа, но затоа покажаа интерес кој стоел зад „Никола Вапцаров“, а тоа е и проблем според Османи. Според зборовите на министерот оние кои го финансирале клубот, македонско здружение од Канада имале ставови спротивни на стратешките цели на државата. 

-Јас не можам да кажам дека сум убеден дека нема таму луѓе кој што имаат најчесни намери во отворање на овој клуб, ама фактот што финансиер на овој клуб е тоа здружение за мене е доволно да ми покрене аларм дека оваа иницијатива нема добра намера. Дајте да видиме да зборуваме со луѓето, да зборуваме со луѓето да ја вратиме нормалната траекторија, изјави Османи.

Османи јасно кажа дека е против отворањето на клубот, па владината ПР служба ја прашавме дали ова е официјален став на целата Влада, но одговор засега не добивме. Единствено што знаеме е дека премиерот Димитар Ковачевски иако поканет нема да присуствува на отворањето на овој клуб.

-Во недела јас ќе бидам во Скопје, изјави Ковачевски.

На отворањето на овој клуб нема да присуствува ниту првиот човек на државата, Стево Пендаровски, кој кажа дека не добил покана. Од поканетите македонски политичари во Благоевград ќе биде лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста