Затворениците во Македонија два пати ја плаќаат казната: Еднаш со седење таму, друг пат со условите таму

Македонските затвори само што не го допреле дното, затворениците живеат заедно со бубашваби и лебарки,  спијат на душеци на земја, во простории со влага, кои, наместо со 8, ја делат со 16 луѓе, немаат топла вода, а затворениците во Куманово воопшто и немаат вода.. Најлоша е сликата во затворот „Идризово“ во кој се сместени најмногу затвореници во Македонија, и каде, според омбудсманот, состојбата е повеќе од загрижувачка. Односот на властите е игнорантски кон состојбите, и не се даваат ниту потребните пари за нормално функционирање, потенцира народниот правобранител.

„ Поради несоодветните материјални услови не се врши сместување во второ, петто и осмо крило. Условите не се подобри ниту во просториите кои се користат. Просториите каде се сместени лицата од отвореното одделение и т.н. амбулантско одделение, можат да се опишат како нехумани и деградирачки. Осудените лица сместени во овој оддел беа затекнати како спијат на под, на сунѓери, во ходници, во импровизирани кревети, ставени еден врз друг на три спрата. Хигиената на ниско ниво “, рече Насер Зибери.

Запленитите мобилни телефони, ножеви, дрога и оружје во Идризово ги покажуваат системските недостатоци, вели Зибери, а не ја исклучува можноста и за вмешаност на службените лица за внесувањето на недозволени предмети во затворската установа.

„Внесувањето на недозволени предмети е извршено со посредство на службени лица. Многу често тоа е со плаќање на надомест, а последната акција на МВР само ги потврди нашите сознанија. Неофицијално можам да кажам дека за внесување на мобилен телефон, службените лица бараат од 200 до 500 евра од осудениците “, вели Зибери.

Токму затворските полицајци му се пожалиле на Омбудсманот дека се соочуваат со закани и притисоци па дури обиди за влијание во нивната работа.. Бидејќи ваквите притисоци остануваат непријавени, Зибери го повика МВР да преземе активности за да ги охрабри затворските службеници.

Поради ова затворската полиција протестираше пред затворот Идризово откако беше запален автомобилот на командирот и побараа државата да ги заштити. Се уште ја чекаат поканата од министерот Тупанчевски за да му ги кажат проблемите.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста