Засилено обедбедување: Роденденот на Делчев ќе се одбележува како никогаш досега

Најмалку 100-тина полицајци, уште толку специјалци и полиција во цивилна облека ќе го стават во обрач гробот на Делчев и црквата Св. Спас. Цела македонска полициска сила e на готовс. Дури и на оние кои не се на работа им било речено да бидат спремни за брза реакција утре доколку за такво нешто има потреба. Прославата за роденденот на човекот „кој светот го разбираше како поле за културен натпревар меѓу народите“ е оценет за настан од висок ризик поради најавите бугарски граѓани масовно да дојдат во Скопје за 4-ти февруари.

Улицата „Самоилова“ веќе е затворена за сообраќај, а утре најверојатно ќе биде исчистена и од автомобилите кои се паркирани во близина на црквата Св. Спас каде се наоѓаат моштите на Делчев. Посебен сообраќаен режим е најавен и за автопатите – од границите со источниот сосед па се до главниот град.

За сообраќај е затворена ул.„Самоилова“, на потегот од ул.„Иљо Војвода“ до крстосницата со ул.„Прохор Пчински“, а на в сабота ќе се спроведе и на ул.„Лазар Личеновски“ и ул.„Самоилова“.

Посебен режим ќе има и на граничните премини Деве Баир и Делчево каде се очекува околу 150 бугарските граѓани да влезат во Македонија. Полиција ќе има и на автопатот кон Скопје, бидејќи Македонци имаат најавено блокада кај кумановската патарина.

Заради подобар тек на настанот од МВР подготвуваат распоред на делегациите по кој ќе се одвива чествувањето, а во Св.Спас ќе можат да влезат и да положат цвеќе само тие што пријавиле однапред и максимум по тројца во делегациите.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски најави дека од седиштето на партијата ќе се упатат пеш кон црквата Св. Спас за да се поклонат на гробот на македонскиот великан.

Засега ниту една официјална делегација од нашиот источен сосед не најавила дека ќе дојде утре во Скопје, бугарските медиуми јавуваат дека на гробот на Гоце Делчев ќе положи цвеќе министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев, кој неодамна беше во земјава на средба со македонскиот колега Спасовски.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста