Засега отиде Македонците во Албанија: Ќе се собере ли Османи храброст да отиде кај нашинците во Грција и Бугарија?!

Заборавени Македонци од Грција и Бугарија. За Османи постојат само Македонците од Албанија, бидејќи таму се признаени, па смее да ги посети. Таков не е случајот со оние од другите страни на источната и јужната граница, кои не се признаени од земјите каде живеат, па ниту министерот за надворешни работи не смее да отиде кај нив. Османи реши да отиде до Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, откако беше објавен планот на бугарските здруженија во оваа држава, за бугаризација на македонското малцинство, во што Османи не верувал.

-Всушност тој феномен на пасошизација како инструмент на етнички инженеринг познат и пошироко во регионот, мислам дека нема да вроди со плод, изјави Османи. 

Сепак ниту еден македонски функционер не бил во ваква посета кај Македонците во Бугарија, иако тие секојдневно бараат поддршка. Овој проблем е веќе долги години, а Македонците од другата страна на источната граница, се жалат дека воопшто ја немаат поддршката од власта во Скопје.

-Она кое што е многу вознемирувачко е дека пак доаѓа до израз една страшливост на македонската Влада. Ако може да направиме некоја изјава да не се налути Бугарија. Мислам со таков приод далеку не може да се стигне. За нашето малцинство да биде признаено му требаше поддршка од некаде, за жал нашето малцинство, иако ние не сме малцинство што припаѓа на бездржавен народ, какви што има во Европа, за жал ние сме малцинство што нема држава зад себе, изјави Стојко Стојков.

Истиот проблем го имаат и оние од другата страна на јужната граница. Јоргос Пападакис во разговор за Алфа се пожали дека покрај тоа што не се признаени како малционство во Грција, заборавени биле и од властите во Македонија. При потпишувањето на Преспанскиот договор, воопшто не биле ниту консултирани.

-Немаше дури ни волја од македонската Влада тоа да го направат, тоа го видовме во текот на преговорите за Преспанскиот договор, никогаш не беше споменато македонско малцинство или македонскиот јазик во Грција. Ние бевме надвор од целата таа приказна. Со аматеризмот и со незнањето ги направиле работите многу полоши и потешки за сите во Македонија и надвор од Македонија и за сите нас, изјави Пападакис.

Македонците во Грција и Бугарија секојдневно се жалат дека покрај тоа што немаат поддршката од властите во Скопје, нема ниту реципричност во односите меѓу земјите, односно онаа држава која попушта секогаш Македонија, додека соседите си прават секако што сакаат.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста