Замрзнувањето на цените го нарушува пазарот, Владата да се откаже од дел од давачките

Честото менување на антикризните мерки само создава забуна и не дава ефекти во борбата со инфлацијата. Воведувањето, па укинувањето на мерките во кратки рокови ја зголемува нерамнотежата на пазарот. Откако министерот за економија Крешник Бектеши најави проширување на производите за кои ќе важи ограничената маржа, а не исклучи ниту ново замрзнување на цените, експертите со брза реакција. Велат ако се оди на варијантата замрзнување на цени, таа мерка да биде краткорочна бидејќи на долг рок може да предизвика бројни сериозни проблеми.

„Краткорочна мерка која доколку трае подолго предизвикува сериозни проблеми на пазарот како што се недостатоци на производите чијашто цена се ограничува. Оттука многу подобро е да се интервенира со слични производи, со увоз на стоки или евентуално со покривање на разликата во цена од страна на Владата“ – вели професорот Зоран Ивановски.

Ако Владата сака брзи ефекти за намалување на инфлацијата, мора да се откаже од дел од приходите во буџетот, односно од наплатата на некои давачки како ДДВ, акцизи, такси и слично. Професорот Зоран Ивановски вели дека е свесен дека фискалниот простор се повеќе се стеснува, па ако се воведат вакви мерки, мора добро да се осмислат за да не се доведе во опасност одржливоста на јавниот долг.

„Не може фискалната политика позначајно да се користи во делот на намалување и справување со инфлацијата. Ќе остане обврска тоа да биде на Централната банка“ – вели Ивановски.

Поголеми ефекти во борбата со инфлацијата треба да се очекуваат од мерките на Народната банка, која веќе три пати ја зголеми основната каматна стапка – вели Ивановски. Ќе се намалат парите во оптек, ќе се ограничи потрошувачката и цените ќе почнаат да паѓаат, но според него, тоа нема брзо да се случи. Инаку од земјите од регионот, Хрватска и Грција се државите кои вчера решија да им го ублажат ценовниот шок на граѓаните. Хрватска повторно ги замрзна цените на нафтените деривати, а Грција ги зголемува субвенциите за сопствениците на возила, додека земјоделците од август можат да побараат поврат на акцизата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста