Законите за Коридор 8 пред усвојување – Антикорупционерите немаат време да го разгледаат договорот

Сетот закони за Коридорите 8 и 10д кои како никогаш ги поларизираа власта и опозицијата најдоцна до понеделник веројатно ќе стапат на сила. За владејачкото мнозинство како да не е важно тоа што Државната комисија за спречување корупција го чешла Договорот потпишан со Бехтел и Енка, па и без нивно мислење, законите ќе бидат донесени. Според познавачите невозможно е договор од над 400 страници да се разгледа за неколку дена, така што факт е дека, Антикорупциска нема никакви шанси да ги согледа сите позитивни и негативни страни за да може да реагира соодветно до надлежните институции, доколку има сомнеж за корупција, како што обвинува опозицијата. Оваа незаинтересираност на власта според аналитичарот Пекевски, се должи на како што вели лицемерието, бидејќи од една страна власта се фали дека ги поддржува европските вредности, а потпишува договор кој можеби нема ништо со тие вредности.

Владата зборува само за европски вредности, ЕУ, а во суштина во Договорот нека кажат, дали има нешто што е европска вредност. Дали е тоа транспарентност, конкурентност, дали е пристапот до информации. Дали во ЕУ, постои ваков вид на договор. Толку многу средства од САД и ЕУ се инвестирани на полето на транспарентноста и антикорупција, а гледаме дека голем дел од политичарите, замижуваат и го поддржуваат овој договор. Гледам големо лицемерие, бидејќи едно зборуваат, друго прават – вели аналитичарот Синиша Пекевски.

Расправата во Собранието е пред самиот крај, а парламентарното мнозинство во петок или во понеделник ќе собира кворум за сите пет закони да бидат изгласани  во пакет. Останува уште специјалниот закон за Бехтел и Енка да биде ставен на пленарна седница, откако го помина филтерот на Комисијата за европски прашања. Со овој закон ќе се овозможи нов модел на изградба на патната мрежа, без претходно објавување тендер – нешто што за опозицијата но и за голем дел од експертската фела е недозволиво, бидејќи ќе создаде клима за корупција од највисоко ниво.

Во законите кои власта ги турка во име на Договорот со Бехтел и Енка, според опозицијата се спорни низа елементи, како на пример начинот на кој ќе се врши експропријацијата, бидејќи предупредија дека ќе се обесштетуваат и легалните градби и дивоградбите, но и зголемувањето на работната недела.

Владата тврди дека има стабилно мнозинство за гласање, но опозицијата очекува Пендаровски да остане на ставот дека нема да стави потпис на указите на закони кои ги повредуваат човековите права, што според ВМРО-ДПМНЕ е случај со овие законски решенија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста