Жените – претприемачки се соочуваат со бројни проблеми при отпочнувањето сопствен бизнис

Слабата комуникација со инситуциите, недоволната упатеност и едуцираност, како и дискриминацијата се само дел од проблемите со кои се соочуваат жените-претприемачки при отпочнувањето на своите бизниси, беше речено на денешниот Локален форум „Жените од Пелагонија можат да отворат сопствен бизнис“.

– „Секогаш наидуваме на дискриминација и како тоа некои бизниси треба да бидат предодредени за мажите. Еве, лично од мојата професија да тргнам, секогаш е гледано како адвокат треба да биде – маж, па посебно ако си жена и ако си млада, тука е малку дискутабилно“, вели Викторија Наумоска, адвокатка.

Значително поголем проблем од овој аспект имаат жените од руралните средини, кои најчесто се регистрирани како жени- земјоделки и кои заради неедуцираност, не го знаат ни пристапот до можностите за претприемништво. Ова особено во пелагонискиот регион кој важи за земјоделски.

– „Она што треба да се направи е поголема ажурност на јавните институции, односно на Агенцијата за вработување, образовните институции, факултетите и средните стручни училишта, на поголема ажурност и мобилност на локалните самоуправи за да го поттиканат и да го поддржат женското претпримеништво, бидејќи моментот откако ќе го започнат аплицирањето до моментот на добивање на грантот е навистина долг, а во тој период има многу жени кои што се откажуваат, бидејќи административните процедури се многу големи и до крај тие не го знаат исходот од нивната апликација, – објаснува Даниела Цветаноска, локална координаторка на Националната платформа за женско претприемништво.

Според податоците од Националната платформа за женско претпримеништво, ситуацијата со компаниите кои ги водат жени оди по надолна линија. Бројот на компании што се отвораат е многу помал од бројот на компаниите кои што се затвораат.

„Тоа значи дека не се препознава претприемништвото како можност од која што може да се живее и да се заработува, ниту пак ни претставува можност опкружувањето за раст и развој на бизнисите во нашата држава“ – посочи Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис- жени.

Од оваа Национална платформа велат дека кризата се’ повеќе ги затвора вратите за градење на нови бизниси. Излезот го гледаат во мудрото искористување на глобализацијата на пазарот преку дигитализацијата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста