Железничката станица во Скопје „плаче“ за реновирање, патниците се жалат дека условите се очајни

Платформи, чекална, ескалатор, тоалет. Оваа табла со патоказ ќе ве пречека на самиот влез од централната Железничка станица во Скопје, но иако убаво напишано и означено со стрелки, ништо од ова не функционира. Ходниците кои се студени и делумно осветлени како ги изело времето, а чекалната која едно време беше полна со патници сега е затворена. Само еден, до два шалтера работат од билетарата, на која пред години и години се чекаше и ред и по 15 минути за да се купи билет. Ликот на една држава е железничкиот сообраќај, но тој во Македонија како да е заборавен во минатото. Граѓаните се жалат дека ова на ништо не личи, и државата мора да покаже сериозност и да ги подобри условите.

  • Па кај се видело да се касни со саати воз, во која земја го има тоа? Никаде. Да ви кажам, овие во Железници немаат три чисти, затоа сме доведени до ова дереџе. Важно плати си земаат огромни, а патниците, си чекаат со саати, реагираат граѓаните пред нашата камера.
  • Условите кои ги нуди железничкиот сообраќај не се за поздравување, зашто времето ги изело добрите услови кои треба да ги има една држава. Ова е катастрофа. Ако вака продолжат возот ќе го изгубиме на некоја пруга, велат патници во изјава за Алфа.

Дека возовите доцнат и по 10 часа, алармираат патниците па така патничкиот воз кој од Скопје пред само два дена тргнал во 14:30, во Битола пристигна синоќа 30 минути по полноќ. Патувал и повеќе од 10 часа, бидејќи бил запрен на железничката станица во Богомила. Според надлежните, причина била расипана локомотива на товарен воз во близина на Слепче, и пругата била блокирана.

Линиите кон кичево и кочани се укинати, граѓаните кои до пред некоја година патуваа со воз на овие линии, сега се приморани да се возат со автобус и да платат повеќе.

Ништо подобро нее ниту во другите градови. Состојбата на најголем дел од железничките станици е очајна, со уништен ентериер, празни и без никакви услови.

Последна реконструкција беше извршена кон крајот од мај 2018 година, каде покрај главната во Скопје, беа реновирани станиците во Битола, Гевгелија, Демир Капија, Градско, Велес, Чашка, Прилеп, Неготино, Табановце и Богомила, со средства од ЕУ.

Железничката станица во Скопје беше реконструирана со 2,6 милиони евра преку ИПА програмата, а со дополнителни 2,5 милиони евра беа модернизирани останатите објекти на Македонски железници.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста