ЕФА: Да се почитуваат човековите права на политичките затвореници од 2017-та

Случајот „27 април“ е политички прогон, а македонскиот судско – затворски систем се однесува понижувачки кон осудените. Остра осуда од Европската слободна алијанса – велат дека фалбите за наводен напредок кон ЕУ стандардите се неосновани.

Со овој судски процес, во прашање се доведени европските вредности, оние кои земјата треба да почне да ги почитува за да си го отвори патот кон Унијата, децидна е Лорена Лопез, претседателка на Алијансата на партиите на малцинствата во Европа.

  • Мнозинството од нив се уапсени врз основа на сомнителни обвиненија. Нивните случаи претставуваат политички прогон, поради нивното спротивставување на напорите на владата да наметне промена на името спротивно на волјата на мнозинството на населението, што кулминираше со ‘Преспанскиот договор’ со Грција, велат во соопштението на Европска слободна алијанса.

Од Европската слободна алијанса додаваат дека овие, како што наведуваат, политички затвореници се изложени на неподносливи затворски услови, вклучувајќи и скратување на итно потребната лекарска нега.

  • Во 2021 година Комитетот за забрана на тортурата на Советот на Европа усвои извештај во кој се изразува сериозна загриженост за затворските услови во земјата, и особено се посочува на физичкото малтретирање на затворениците и негрижата за нивните медицински потреби, стои во соопштението.

Од ЕФА велат се залагаат за одбрана на слободата на говорот и силно го осудуваат секој вид на прогонување со кое се сузбива изразувањето на легитимна политичка критика.

Токму на нарушување на правото на фер судење и апсурдот со квалификацијата на делото „тероризам“ од политичари уште пред да почне судскиот процес – се само дел од причините кои ја натераа македонката Наде Дуклеска која живее во Шведска да изработи и успешно одбрани магистерски труд посветен на судењето за 27 април. Нејзините ментори на престижниот Лунд Универзитет во Шведска биле запрепастени од сите нелогичности во судскиот процес, бидејќи во многу наврати била прекршена Европската конвенција за човекови права и слободи.

  • Ќе се осврнам на владеење на правото, односно невладеење на правото, реакцијата на кривично правниот систем по сите индикатори беше под силно влијание од политичките актери. Последица на тоа беше квалификацијата на настаните, која беше дадена од политичари, и не би кажала тероризам туку би потенцирала дека се работи за политичка квалификација. Таквата квалификација побуди интерес кај мене за фокусирано следење на судските постапки“ – вели Наде Дуклеска.

Дури и коментарот на шведскиот суд е во насока дека осудените од 27 април се политички затвореници.

Во македонското Собрание, во процедура е предлог закон  за амнестија. Го достави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а како резултат на иницијативата и заедничка заложба на адвокатите Jанаки Митровски и Драган Пешески. Предлагачите сметаат дека селективната правда не е правда и затоа мора да има амнестија за сите осудени.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста