ЕУ самитот е блиску, датумот се подалеку – Ковачевски не сака да се врзува со рокови за почеток на преговорите со ЕУ

Нема усогласено решение за спорот со Бугарија – во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, расте песимизмот кај македонската Влада. Македонско – бугарските групи кои треба да работат на подобрување на дијалогот помеѓу двете земји, се уште не дадоа резултат, а како се наближува јуни така позитивните ставови на политичарите се ситнат. Ковачевски убедува дека на 22 мај немало да се потпише никаков документ за двете страни да си подадат рака, иако тоа веќе подолго време се шпекулира во јавноста. Според него, решение со Бугарија, било можно единствено ако тоа се заснова на европски вредности, на принципи на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави. Иако според забелешките на многу експерти, нема ништо достоинствено во навредите и провокациите од бугарска страна.

„На 22 мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија од причина што агендите не го дозволуваат тоа. Во моментов, министерствата за надворешни работи разменуваат идеи, но нема усогласено заедничко решение кое може да биде основа за меѓусебен договор“ – изјави Ковачевски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак не верува дека постојат шанси за достоинствено тргање на ветото – ако тоа се случи, македонскиот народ ќе биде понижен и омаловажен.
„Или ќе бидеме понижени и омаловажени од страна на хегемонистичките барања на нашиот источен сосед или нема да биде тргнато ветото. Упатувам порака до Европската Унија, како што се обедини околу руската агресија на Украина, да се обедини и околу политичката агресија на Бугарија врз земјава и да ни дозволи конечно да ги почнеме тие преговори за членство без какви било условувања, понижувања и отстапки“ – изјави Мицкоски.

Сомнежите уште повеќе пораснаа откако, поранешниот бугарски вицепремиер Красимир Каракачанов, изјави дека премиерот на Бугарија ќе изврши национално предавство. Кирил Петков пак ги отфрли тврдењата дека на 22 мај во Македонија двете влади ќе стават потпис на конкретен документ, а доаѓањето на бугарската делегација се уште не било финализирано.
Два дена подоцна пак, на 24 мај и бугарската и македонската делегација ќе бидат во Рим по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј. Според најавите, нема да патуваат заедно, како што тоа лани го направија претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев кој дојде со авионот во Скопје и заедно отпатуваа во Рим.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста