ЕУ за „Бехтел и Енка“: Да се почитува спогодбата за асоцијација, а тоа значи конкуренција и транспарентност

Европската Унија бара дополнителни објаснувања за договорот со Бехтел и Енка.

Од ЕУ алармираат дека Македонија треба да ја почитува Спогодбата за асоцијација што ја има потпишано, а тоа значи да се почитуваат конкуренцијата и транспарентноста за сите јавни набавки и договори.

„Внимателно ги следиме случувањата во врска со ова прашање. Бараме дополнителни информации за подобро да ја разбереме ситуацијата. ЕУ потсетува на важноста од почитување на обврските кои произлегуваат од спогодбата за асоцијација и стабилизација, како и на усогласувањето со правото на ЕУ во контекст на процесот на пристапни преговори“, велат од ЕУ за МКД. мк

Според спогодбата потпишана во 2001, може да се заклучи дека во случајов би се мислело на европските правила против ограничување и нарушување на конкуренцијата и нефаворизирање на одредени претпријатија, практично она што се случи токму со Бехтел и Енка.

Договорот е потпишан како резултат на директна спогодба без јавен повик, а за истото да се овозможи беше донесен и специјален закон .

Од тајниот договор, претходно целосно се огради американската амбасада.  наспроти сите убедувања на  Владата дека стратешкиот партнер има одлучувачка улога.

И додека се нижат контроверзиите и дилемите, Македонија веќе ги „офајди“ Бехтел и Енка. Се уште од коридорите имаме само една табла, а заклучно со утре веќе не чинеле од 230-250 милиони евра.

И ако на тоа се додадат обврските кои што се произлезени од договорот за надзор на и супервизија, каде што имаме компанија која што произведува долен веш, а треба да да надзира ваков капитален проект, тогаш ќе дојдеме, верувале или не, до бројката од близу половина милијарда евра, што до овој момент, до денеска се преземени како обврски, а шајка не е закована“, истакна Мицкоски.

За разлика од вчера кога директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, не знаеше колку пари авансно се исплатени, денеска од неговата институција во соопштение ја потврдија сумата од 117 милиони евра. Овие пари биле за да се обезбеди механизација,  и да се завршат подготвителни работи .

Извршен е првиот трансфер на сметката на јавното претпријатие за државни патишта наменет за реализацијата на овој најголем инфраструктурен проект во историјата на државата. Исплатени се средства кон ЈПДП во висина од 7.254.000.000 денари. Овие средства се наменети за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите.

Од Владата пак упорно уверуваат дека пенали нема да плаќаме. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за МИА уште еднаш повтори дека такво нешто немало, а Бехтел имале обврска да се обезбеди најмалку 51 процент домашни ресурси.

Инаку, Договорот ќе биде презентиран само пред пратениците со безбедносен сертификат. Тие нема да го добијат на разгледување, а кога ќе се случи презентацијата конкретна информација нема.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста