Екс-кандидатката за градоначалник на Благоевград Костадинова го каменувала „Никола Вапцаров“, нема притвор и пријави за 4-цата сторители

Људмила Костадинова е иницијатор за каменувањето на македонскиот културен центар во Благоевград. Нападот не е вандалски чин, тврди, ама немало друг начин да го искажат револтот од тоа како македонските власти се однесувале кон Бугарите на граничниот премин „Деве Баир“ на 4-ти февруари, а официјална Софија на тоа молчела. Костадинова, инаку кандидатка за градоначалник на Благоевград во двата последни изборни циклуси,  и уште двајцата кои и помогнале во каменувањето, Станислав Илиев и Николај Иванов , за бугарските медиуми потврдија дека се пуштени од притвор без пријава. А направената штета на клубот ја платиле со пари собрани од жителите на Благоевград.

  • „Јас сум иницијатор за тоа што се случи. Ова не е вандалски чин. Нашите граѓани и нашата држава беа понижени од Македонија. Бев револтирана поради тоа, како и поради репресиите што им се вршат постојано на македонските Бугари и фактичкото недејствување на бугарските власти. Истиот ден го нападнавме клубот. Да, јас имав желба и им дадов идеја на другите и тргнав реално сама. Луѓето што ги гледате до мене ме поддржаа, тоа се мои пријатели кои не ме оставија да отидам сама“, изјави Костадинова за Нова.

Ниту Костадинова, ниту соучесниците во нападот не се каат за стореното. Симболичен акт било каменувањето со цел да му покажеле на бугарското општество дека сè уште постојат будни Бугари.

  • „Не можам да се сетам дали сите фрлавме камења, како што рече Костадинова, таа фрли камен, таа го искрши стаклото“, изјави Илиев.

Двајца напаѓачи, и Илиев и Иванов, се вработени во Општинското претпријатие „Озеленување“ во Благоевград. Градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов, вчера иронично изјави дека ако се докажела вина, ќе ги казни вработените што фрлале камења на македонскиот клуб како што Скопје ги казнува цариниците и полицајците.

Македонскиот клуб во Благоевград беше вандализиран вечерта на 4 февруари, кога во Скопје се чествуваше 151-годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста