Експерти: Се е на маса во Тирана, и уставните измени и бунтот во власта

Враќање на интегритетот на Ахмети и Груби, нова Тиранска платформа, теми од државен, а не само од партиски интерес, политичка калкулација на албанскиот премиер – средбата на лидерите на албанскиот политички блок со Еди Рама во Тирана може да биде се, освен новогодишен коктел. Познавачите се децидни, на маса се сите сценарија. Не се исклучува можноста, тие да зборуваат и за уставните измени, нудејќи му некаква помош на Ковачевски кој во моментов не може да ги обедини албанските лидери. Па така, според аналитичарите, Рама ќе се обиде да побара од лидерите да не поставуваат услови во замена за нивниот глас за амандманите во Уставот.

Со оваа средба Ахмети и Груби сакаат да покажат пред нивното членство дека имаат легитимација од официјална Тирана, бидејќи за нив е многу важно да имаат добра соработка со Тирана. Од друга страна, другите лидери не се радуваат премногу но не смеат да кажат не, да ја одбијат средбата бидејќи тоа ќе им се одрази на политичките поени кај нивното гласачко тело. Тирана е пред локални избори, албанските гласачи сакаат Рама да покаже некаков патернитет во регионот, а Рама знаејќи дека тоа му се оспорува во Косово, сака да надомести со албанските политички партии во Македонија. Како трето, сигурно ќе разговараат за уставните измени, нудејќи му некаква помош на Ковачевски кој што не може да ги обедини сите албански лидери, а тоа најдобро може да го направи Рама, и ќе се обиде од лидерите да побара да не поставуваат услови – вели аналитичарот Џенур Исени.

Додека се калкулира со сите можни опции, едно е повеќе од јасно. Албанскиот политички блок уште еднаш покажа како се постапува кога се во прашање теми кои ги засегаат сите етнички Албанци на Балканот – со една заедничка политика, за доброто на сите. Тоа според аналитичарот Благојче Атанасовски, не е својствено за македонските партии, кои дури и кога се работи за крупни национални прашања, секогаш има поделби.

Албанскиот политички блок, не само во Македонија туку и на Балканот, кога се заштитуваат најголемите етнички, национални прашања, и ставови кои ги тангираат Албанците, тие имаат една заедничка политика. И покрај тоа што лидерите на албанските политички партии кај нас тука се поделени, едни се во власта други во опозицијата, партиските интереси ги тргаат на страна и седнуваат на маса, ги решаваат тие прашања. За жал, кај македонските партии не е својствено тоа. Кога требало да се решат крупни, национални прашања, гледаме дека такви средби немало, цело време се оди со обвинувања, а Албанците се штитат, секогаш. Затоа ќе кажам македонските лидери треба да учат од нив – вели аналитичарот Благојче Атанасовски.

Поканетите до последен момент криеја што точно ќе се зборува на овој состанок, класифицирајќи го како новогодишна вечера. И покрај сите прашања кои проструија во јавноста, неколку пати политичарите повторија дека за средбата немало однапред предвидена агенда.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста