ЕКСПЕРТИ: Нема логика да се формираат работни групи без консенсуз за уставни измени

Ден до истекување на рокот за номинирање претставници од политичките чинители за уставни измени, а партиите во Македонија се далеку од договор. Формирање на работна група за уставни измени без политички консенсуз е јалов обид на власта да го испорача ветеното со францускиот предлог и да изврши притисок врз опозицијата, смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски. Согласно одредбите од францускиот предлог власта се обврза до крајот на ноември годинава да ги вметне Бугарите во Уставот, па иако нема согласност,  сепак според Атанасовски, власта турка напред за да ја прикаже опозицијата како антизападно ориентирана.

Веројатно власта ќе оди со реториката дека опозијата е антизападна и не е за членство во Европската унија, но ако се гледаат и анкетите и граѓаните се против францускиот предлог и вметнување на Бугарите во Уставот. Едноставно власта сака да го протурка францускиот предлог, а како одат месеците според мене ќе има се поголем меѓународен притисок, вели Благојче Атанасовски, политички аналитичар.

Македонија не многу одамна се соочи со чувствителната тема за уставни измени при промена на името. На ова потсетува аналитичарот Муслиу за кого најдобро е сите партии да се согласни за уставните измени. Името се промени со различни комбинаторики, но тоа остави последици во општеството, коментира Муслиу.

Најдобра варијанта за уставните измени се промени кои ќе бидат консензуални и сите ќе учествуваат. Да не бидеме сведоци како минатите уставни измени кои се извршија со тесно двотретинско мнозинство и кои беа резултат на  различни комбинаторики и невкусни активности. Тоа остави негативни последици во општеството. И овие измени ако се спроведат така, ќе има уште понегативни последици врз општеството, него ако се направат консензуално, вели Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Додека власта повикува на учество ВМРО ДПМНЕ, Демократскиот сојуз и Алтернатива се изјаснија дека нема да номинираат претставник. Засега не се знае кои од експертите ќе бидат дел од групата. Претседателот на МАНУ Владо Камбовски го одби повикот, а поранешната министерка Десковска како и порнешната судијка во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, изјавија дека доколку станат дел од тимот ќе дадат свој придонес.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста