Експерти: За македонското правосудство нема надеж

За македонското правосудство речиси и да нема надеж – експертите алармираат дека овој сектор е толку компромитиран од политички фактори што просто е невозможно да се почувствуваат резултати дури и ако се спроведат сериозни реформи. Но најголем проблем на кој постојано укажуваат и Брисел и Вашингтон е тоа што власта не е посветена на темелни промени. Европската Унија и другите стратешки партнери на Македонија залудно инвестираат кога резултатите се разочарувачки. Последната опомена на оваа тема беше од евроамбасадорот Дејвид Гир, а според познавачите – нивните реакции се оправдани.

Проблемот е во нас дефинитивно. Точно е дека ЕУ и други наши стратешки партнери, децении инвестираат во нашето правосудство и резултатите се разочарувачки. Поразувачка е состојбата со нивото на интегритет во правосудстото. Тоа го коментиравме во повеќе ситуации. Кулминација доживеа во изборот на новиот шеф на ОЈО ГОКК. Надвор од рамките на дипломатскиот речник некогаш еу претставниците знаат да ни укажат на сериозноста на проблемите во нашето правосудство – вели поранешниот обвинител Војо Димоски.

И додека власта сее оптимизам и амбициозно најавува дека Македонија до 2030 година ќе стане членка на Европската Унија, молчи за несработеното дома. Се поизвесно е дека билатералниот скрининг на тема Правосудство и фундаментални вредности ќе даде лоши резултати бидејќи  правосудниот систем во континуитет е на удар. Само последниве неколку месеци се случија неколку скандали за кои замерија повеќето европски претставници. За  контроверзниот избор на Ислам Абази за нов шеф на Организиран криминал и корупција, реагираше дури и амбасадорката на САД. Дека правосудството тоне доказ е и скандалот со синот на Талат Џафери си го положил правосудниот испит уште пред да го заврши потребното високо образование. Барлет Џафери успеал да ја најде дупката во законот, да полага правосуден испит пред да стекне со 300 кредити на правни студии, аплицирал во Академијата за судии и јавни обвинители и станал ученик во седмата генерација. Според Димоски, вакви случаи има со спорно образование има многу, но никој не презема ништо.

Одамна зборуваме какви кадри напредуваат во рамки на обвинителството, напредуваат кадри дури и со спорно образование, да не зборуваме во делот на интегритетот. Политиката замешала прсти и во тој аспект. Нема една работа која што сме пробале да ја направиме, а да не е узурпирана од политичките фактори и да е искомпромитирана. Надеж не гледам – вели Димоски.

По сомнежот и критиките за политичко влијание во изборот на шеф на ОЈО ГОКК, и по повлекувањето на две кандидатури за избор на шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, последна во низата што го сврте вниманието кон состојбите во правосудството е Павлина Црвенковска. Таа поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседателка на Судскиот совет, поради како што наведе притисоци од судско-бизнис елитата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста