Експерти: владата преговарала за промена на Уставот, а таква одредба нема во Договорот со Бугарија

Нова капитулација или вистинско решавање на спорот – француското решение за кревање на бугарското вето кое со себе носи прифаќање на сите бугарски барања во преговарачкта рамка за Македонија, значи и сериозно поткопување на македонските национални интереси, смета експертската јавност.

Се случува невиден преседан што европските лидери го одобруваат тоа за кое беа категорично против – дека билатералните спорови не може да бидат дел од преговарачката рамка и услов за почнување на преговорите за земјата кандидат. Професорот по меѓународно право Дејан Маролов во изјава за Алфа вели дека некој во владата треба да одговара за тоа што е дозволено да се преговара за работи кои не беа дел ниту од Договорот за добрососедство. Маролов е дециден дека иако вината се префрла врз Македонија, Бугарија е таа која не го почитува договореното бидејќи во договорот од 2017-та никаде не е наведено дека Бугарите треба да бидат дел од Преамбулата на Уставот што значи дека официјална Софија излегува надвор од потпишаното.

Членството на Западен Балкан во ЕУ не е само чекор напред за нас, туку и за самата Унија. Професорката по уставно право Гордана Силјановска Дафкова алармира дека и покрај испорачаниот предлог од Франција, не смее да се излегува надвор од Копенхашките криетериуми. Силјановска вели сценариото со францускиот предлог е дека сите барања на Бугарија ќе бидат ставени во делот на демократија и тогаш воопшто нема да може да смени ништо. Дури и да започнат преговорите тоа ќе биде маратон на нови условувања на секое поглавје кое ќе биде отворано во Брисел.

Францускиот претседател Емануел Макрон веќе најави дека треба да биде потпишан нов договор во Париз меѓу Македонија и Бугарија, а токму тој ќе бил гарант на добрите односи меѓу двете земји. Експертската јавност вели дека доколку дојде до потпишување на нов договор тоа со сигурност ќе доведе и до предвремени парламентарни избори. Францускиот предлог веќе е во бугарското Собрание каде треба да добие зелено светло, а потоа ќе се чека и прифаќањето на сите земји членки на Самитот кој треба да се случи на 23 и 24 јуни.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста