Експерти: Барањето за предвремени избори е легитимно

Турбулентно политичко лето следи ако се земе предвид моменталната ситуација на политичката сцена. Опозицијата бара избори, владејачката коалиција, не само што упорно одбива, туку не нуди решение за најавените институционални блокади. За дел од експертите, барањето за предвремени избори е легитимно – посебно сега кога незадоволството кај граѓаните на секое поле расте, а анкетите покажуваат дека една третина од испитаниците би поддржала избори, една третина експертска влада.

Работа на опозицијата е да бара избори, посебно ако оценката е дека состојбата е лоша. Блокада на институции не е пожелна но е една од методите кои се користат. Во најмала рака може да се направи обид во собранието, измина времто за гласање недоверба и да се процени дека има ново парламентарно мнозинство, но ако се покаже тоа што и вчера го изјави Ковачевски дека Владата ќе продолжи со истиот состав. После ситуацијата со Бугарија, и јас лично сметам нема да има решение, таа ситуација ќе бара поширока влада, една заедничка влада – вели политикологот Александар Кржаловски.

За Кржаловски веројатно и претходно требаше да се формира поширока Влада, со цел ставовите на политичките чинители да бидат покоординирани, посебно во моменти кога нема решение за македонско бугарскиот спор. Тој не ја исклучува можноста и самата Влада да побара избори во скоро време доколку не се отвори евроинтегративниот пат.

Според политикологот Џенур Исени, премиерот Ковачевски не нуди решение за претстојната политичка криза, бидејќи не знае како да и одговори на опозицијата.

Oчигледно е дека ќе имаме динамични политички месеци, и ќе има политичка криза. Во протестот што го одржа опозицијата, по масовноста на граѓаните, ќе се зголемат апетитите за избори. Но сепак, Владата со сите свои сили ќе се бори тие избори да ги нема, бидејќи е свесна дека ќе изгуби. Со оглед на тоа дека е свесна за незадоволството. Тоа што Ковачевски не нуди решение, е резултат на неговата неспособност бидејќи се уште нема изградено профил на политичар, земајќи го предвид овој факт, тој не знае како да пристапи на овие проблеми, како да и оддовори на опозицијата – вели политикологот Џенур Исени.

Според Исени, Али Ахмети ги држи конците за се она што се случува во земјава, а тоа се покажа во само неколку секунди на вчерашната пресконференција на премиерот Ковачевски, кога одговори со помош на суфлирајњето од неговиот коалициски партнер.

Новинар: Како ќе функционирате?

Али Ахмети: Како до сега.

Димитар Ковачевски: Како до сега.

По се изгледа клучот го има лидерот на ДУИ. Дека ставот на СДСМ  е конзистентен, претходно изјави и потпретседателката на партијата Сања Лукаревска, ама повикувајќи се на одлуката на Али Ахмети.

Лидерот на ДУИ на 5 јуни на нивната годишнина, рече дека избори ќе има 2024 – изјави Лукаревска.

Барањето за предвремени парламентарни избори, викендов опозицијата го артикулираше на масовниот протест пред Владата кој го поддржаа граѓани од сите краеви на Македонија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста