Експертите предупредуваат, цената на струјата ќе продолжи да оди нагоре

Наместо очекуваното ублажување во 2022, енергетската криза се продлабочи. Ќе има ли парно? Ќе има ли рестрикции на струја? Ќе има ли поголеми сметки? – Граѓаните цела година ја поминаа под стрес и со овие прашања. Владата постојано повторуваше – ова е глобален проблем, Македонија не може да биде поштедена. Сепак, експертите не се согласуваат – велат дека доколку навреме се направеа неопходните чекори – зголемено домашно производство на струја, инвестиции во енергетска ефикасност, навремена набавка на енергенси – кризата ќе беше многу поблага.

Не набавивме гас на време па купувавме месец за месец, ТЕ-ТО не проработи, а третиот блок на РЕК Битола трансформаторот го дочека дури во декември ,  половина од капацитетите беа во ремонт, а ЕСМ трошеше милионски суми за увоз на струја – Македонија неподготвена ја дочека најтешката зима за која Владата не подготвуваше дека ќе се случи со месеци.

Експертите сметаат дека мора и да се направат инвестиции за енергетска ефикасност. Иако изминатава година бизнисот постојано бараше олеснување на процедурите за поставување на фотоволтаици, Владата тоа го најави дури во есента кога и не можеше да се искористи сончева енергија, а до МЕПСО пристигнале 10 пати повеќе барања отколку што може елекропреносниот систем да спроведе мегават часови.

Поскапувањето од 1 јануари нема да биде последно – цената на струјата ќе продолжи да оди само нагоре, сметаат познавачите. Според нив дури и она што сега се плаќа е нереално евтино бидејќи Владата за социјален мир го оптоварува буџетот и ги субвенционира сметките.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста