Експертите предлагаат: 5 мај 2024 – идеален датум за заеднички парламентарни и претседателски избори

5 мај 2024 година е најповолен термин за одржување на редовните парламентарни и претседателски избори со цел да се избегнат два изборни циклуси и да се заштедат пари. Во спротивно, граѓаните од свој џеб ќе платат најмалку 12 милиони евра, односно по најмалку 6 милиони од изборен циклус, за рекламирање на политичките партии, печатење гласачки ливчиња, хонорари за членови на избирачки одбори, јавни огласи во светски весници за граѓаните од дијаспората да гласаат.

Има логика да биде и заедно, во таа недела, две каде се преклопува. Ќе чини многу поевтино, а и не би било значително отстапување од четиригодишниот мандат на пратениците. По мене е најсоодветно така да се направи, иако има аргументи, да бидат посебни процеси, и веројатно допрва во Буџетот ќе се предвидуваат пари ако решат да бидат во посебни термини – вели Александар Кржаловски, Директор на Македонски центар за меѓународна соработка.

Шеф на држава се бира во последните 60 дена од мандатот на актуелниот претседател, а собраниски состав во последните 90 дена. Мандатот на Пендаровски истекува на 12 мај идната година, а парламентарните избори, согласно уставните рокови треба да се одржат најдоцна до 4 август, денот кога е одржана првата конститутивна седница во 2020 година.

Доколку се Вратиме 90 дена поназад од истекот на мандатот на собранискиот состав, не се исклучува можноста парламентарните да се одржат викендот на 4 или 5 мај. Претседателските избори исто така би можеле да се одржат на 5 мај, а доколу има втор круг избори, ќе се одржи една недела подоцна, на последниот ден кога завршува функцијата на претседателот Пендаровски.

Според Кржаловски, владејачката коалиција не сака спојување на термините, дека можеби стравува од двоен пораз.

Ако се во исто време, може во еден налет, опозицијата би можела да ги добие и двете, а вака ќе се издише гласачкото тело па можеби помалце ќе има излезност на изборите. Па ако ништо друго, разликата ќе е помала или поразот поподнослив, или потешко ќе се направи нова владина коалиција, но сепак, тоа останува на партиите – додава Кржаловски.

Премиерот Ковачевски рече дека претседателските избори ќе се одржат во втората поливина на март, а парламентарните во втората половина на јуни.  Законот дозволува со термините за претседателски и парламентарни да се маневрира 60 односно 90 дена.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста