Една од најголемите грешки на македонската власт: Договорот за добрососедство донесе се освен добрососедство

Договорот за добрососедство донесе се освен добрососедство. Бугарите од сосед кој не ни беше толку проблематичен, ни станаа најголемите противници, Потписите на Заев и Борисов само ги влошија односите меѓу Македонија и Бугарија. Според познавачите најголемата грешка во овој случај ја направија македонските власти. Поранешниот амбасадор Јован Донев, за Алфа вели дека не сме смееле пред се да прифатиме таков договор, а уште помалку внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи оваа тема е многу сензитивна за сите Македонци.

-Прво дојдовме со тоа што го потпишавме самиот договор, тоа е една работа од наша страна што прифативме таква варијанта на договор. Второ е она што е уште полошо, тоа што прифативме мимо договорот, Бугарите како етничка заедница да ги внесеме во Уставот. Македонската јавност е многу сензитивна на прашањето Бугарија, бугарската окупација итн, изјави Донев.

Кога станува збор за спорот со Бугарија, властите во Македонија влегуваат од грешка во грешка. Апетите кај официјална Софија секојдневно се зголемуваат поради попустливоста на Скопје. А според Донев голем проблем е и што нема посериозна реакција од Илинденска на секојдневните бугарски провокации.

-Проблем е што македонската Влада не ги спречи сите провокации, да реагираше остро и на тој начин да ја смиреше македонската јавност, па во Македонија постои впечаток што не е без основа дека всушност македонската Влада работи спротивно на желбите на Македонците. И да повика сега на смирување никој не е и верува сега на оваа Влада, изјави Донев.

Покрај македонските, вината за крајно влошените односи е и кај бугарска страна, пред се бидејќи веќе две години таму изборите се една од главните преокупации на сите партии. Според Донев Македонија повторно ќе биде една од најважните теми во предизборието.

-Бугарија цело време е во избори последниве две години, политичките партии во Бугарија се обидуваат да добијат гласови на македонското прашање посебно Преродба и ВМРО. Сега повторно имаме избори во Бугарија, така да тоа ќе се заострува, ќе има порадикални изјави, подраматични цели, тоа е за очекување од нивна страна, изјави Донев.

Иако македонските власти ни ветуваа дека со договорот за добрососедство Бугарија веќе нема да не блокира на еворпскиот пат, добивме сосем друга реалност. Од Софија секојдневно ни порачуваат дека без прифаќање на сите нивни услвои и уценувања европската иднина нема да ни биде светла.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста