Единствениот центар за обука на професионални пожарникари – Три години зјае празен

Единствениот и најопремен Центар за едукација и обука на професионални пожарникари во земјава, „ПЕГАЗ-ЕДУ“ од Битола, основан пред десет години и според сите европски стандарди, веќе трета година не може да врши обука и зјае празен. Во услови кога обучените пожарникари во земјава се повеќе од дефицитарни, надлежните државни институции, упорно одбиваат да му ја верификуваат програмата на Центарот, а која спаѓа во неформалното образование за возрасни под капата на МОН.

  • „Од 2013 до 2020 година, Центарот има добиено два циклусни периоди од по три години, значи шест години, во овој Центар се обучуваа професионални пожарникари, во кој што бројката до последната генерација стигна до 140 лица. Тоа е можеби некаде 1/5 од пожарникарите во Македонија. Нивниот став сега е – вашето барање завршува затоа што ДЗС е таа која што треба да обучува пожарникари во согласност со чл.11, став 14 од Законот за пожарникари“, – вели магистерот по заштита од пожари, Костадин Поповски.

Поповски не се согласува со ова и тврди дека обуката во нивниот Центар, која освен теоретски, опфаќа и практичен дел во наменски адаптиран тренинг-простор, не е ни приближно иста со обуките во ДЗС, кои биле за сезонски, а не за професионални пожарникари. Заради овие несогласувања, работата стигнала дури и до Второстепената комисија при Владата. А таа одлучила во корист на Центарот.

  • „Второстепенета Комисија на Владата во Управна постапка донесува решение со кое му укажува на Центарот за образование на возрасни каде се грешките, и дека ДЗС не е овластена да врши основна обука. Од Центарот за образование на возрасни се жалаат до Управен суд, а Управниот суд, да биде трагедијата поголема, му го поништува тужбеното барање, прогласувајќи дека е ништовно. Значи, ние имаме право, а не работиме. А со тоа што не работиме, губиме огромни финансиски средства, зашто цел овој објект е направен без ниеден денар од државата“, – објаснува м-р Поповски.

Инаку, обуката во овој Центар ја спроведуваат неколкумина еминентни македонски магистри и доктори на науки за заштита од пожари, како и странски инструктори. „Најчудно е што од надлежните државни институции досега никој не не’ посетил, но затоа, на неколку наврати доаѓаа инспектори од ДЗС кои Центаров ни го нарекоа „штала“, револтирано ни рече м-р Поповски кој повеќе од 40 години е дел од македонското професионално пожарникарство.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста