Европските дипломати признаваат дека ЕУ направила грешка што после Преспа не ги отворила вратите за Македонија

Поранешниот претстедател на Европскиот парламент ја призна грешката што ја направи Европската Унија, бидејќи по Преспанскиот договор, Македонија не ги започна преговорите за влез, иако тоа го очекуваа сите. Според Мартин Шулц Македонија даде многу но се уште не го доби за возврат ветеното бидејќи по потпишувањето на Договорот со Грција, се случи француското вето, а потоа и бугарското. Сепак, ако сакаме конечно да станеме дел од европското семејство, потребно е посериозно да се работи на реформите.

Ако мене ме прашувате, ЕУ направи грешка. Пред Преспанскиот договор земјите членки и европските институции дадоа едно ветување на оваа земја. За мене, Договорот беше историски напредок за целиот регион. Тогаш јас, и сите верувавме дека Македонија ќе ги започне преговорите – рече Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент.

„Уставните измени ќе го отворат европскиот пат“ по се изгледа на премиерот му стана омилена мантра. Додека европските челници од нас очекуваат вистински реформи, Димитар Ковачевски прво акцент става на уставните измени а после на реформите, па индиректно ја уцени и опозицијата да учествува во носењето на реформските закони.

Една од одлуките коишто треба да ги донесеме да тоа полноправно членство во ЕУ е и таа промена на преамбулата во Уставот. Сите политички партии, односно пратениците во Собранието ги застапуваат граѓаните, а граѓаните се тие коишто очекуваат да живеат во држава полноправна членка на ЕУ.  Во Парламентот ќе бидат носени и други одлуки не само оваа, бидејќи, патот до ЕУ ќе бара од нас многу реформи – рече Ковачевски.

Дека најважни се реформите потврдува и поранешната министерка за надворешни работи на Шведска. Сепак, ниту Ал Линде не ги штедеше критиките за ЕУ, зошто Македонија толку долго чека пред портите.

Шведска ќе претседава со ЕУ од јануари 2023 година и Владата и опозицијата се силно посветени на поддршка на Македонија за нејзино полноправно членство во ЕУ, на овој пат не очекува многу работа, но вреди да се направи тоа – изјави поранешната министерка за надворешни работи на Шведска, Ал Линде.

И не се пречка само Уставните измени, туку и низа други обврски кои произлегоа од протоколот потпишан со официјална Софија. Бугарското вето беше тргнато по францускиот предлог, но Македонија треба да ги исполни ветувањата кои и ги даде на Бугарија како менување на учебниците, заеднички чествувања на празници, менување на натписите на спомениците, музеите. Македонската влада по се изгледа повеќе се насочува кон обврските кои ни ги даде Бугарија отколку кон оние од ЕУ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста