Европската Комисија предвидува за годинава раст од 2 проценти на македонската економија

Раст од два проценти годинава, а идната 2024 – 3.1 насто, се прогнозите на Европската Комисија за движењата на македонската економија.

Во делот за државата, во рамките на пролетната економска прогноза, е наведено дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од Ковид-пандемијата, годишниот раст на БДП забави од 3.9 проценти во 2021 на 2.1 процент во 2022 година. Врз македонската економија се одразиле намалената надворешна побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијата.

-Додека пензиите и платите реално се намалија, пораснаа дознаките и приватната потрошувачка, посочуваат од ЕК.

За инфлацијата се наведува дека стапката од 3.2 во 2021, лани се зголемила и се искачила на 14.2 проценти, во просек. Притоа, храната и енергијата сочинуваат речиси 60 проценти од домашната структура на индексот на потрошувачките цени, а растот на нивните цени најмногу влијаел врз вкупната инфлација, која во октомври достигна 19.8 проценти. Исто така, се сигнализира во извештајот, иако е забележан пад, базичната инфлација опстојува поради заостанатите прелевања од цените на енергијата, но се очекува да продолжи да се намалува.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста