Европската инвестициска банка ги потопи обвинувањата на Арсовска за пречистителната станица

Демант за Арсовска од главниот финансиер за очекуваната пречистителна станица во Скопје, Европската инвестициона Банка. Заменик претседателката на Банката, Лилјана Павловска, вели дека процесот целосно се одвивал како што треба, со што го потврди ставот на поранешниот директор на ЈП Водовод, Златко Перински, кој иако тврдеше дека проектот е кристално чист, беше обвинет и разрешен од Арсовска.

  • „Ние имаме и мораме да следиме посебни правила и процедури кои што се веќе воспоставени, вршиме надзор на процесот на набавка, да ги вршиме сите потребни и вонредни проверки и контроли и она што можам да го кажам е дека процесот на набавка беше успешно завршен и немаше отстапки и имаме зелено светло за потпишување на договорите за изградба и надзор од страна на Водовод и канализација.“ – Вели Заменик Директор на европската инвестициона банка, Лилјана Павловска.

Иако обивнувањата за „раце во мед“ практично и паднаа во вода, градоначалничката Арсовска се уште тврди дека била во право и ја обвини Алфа дека поставува „инсинуирачки прашања“.

  • „Ако може да не испревртувате, Вашето прашање беше инсинуирачко, кажиувајќи ја изјавата на еден господин кој што беше разрешен поради тоа што нетранспарентно и врз основа на влијание ги вршеше постапките и одговорал само пред својот партиски лидер, а не пред граѓаните.“ – Вели Арсовска.

Тендерот за пречистителната станица беше точката на вриење помеѓу Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ без кои не ќе беше градоначалник. Таа лани во септември го разреши Златко Перински од функцијата директор на ЈП Водовод, и тврдеше дека постоеле сомнежи за водењето на тендерската постапка, иако тој ги негираше тие обвинувања, потенцирајќи дека Арсовска со своето мешање може да ја загрози реализација на пречистителната станица.

Европската инвестициска банка не ги демантира обвинувањата на Арсовска прв пат. Уште при смената на директори во јавното претпријатие, од банката преку соопштение потврдија дека се почитуваат условите и преземените обврски, како и дека немаат забелешки за тоа, како Перински го води проектот.

Денеска беше потпишан договор за неповратен грант од 70 милиони евра од Европската Унија, со тоа се заокружи финансиската конструкција од над 200 милиони евра за изградба на пречистителната станица. Претходно, во 2019 преку заем беа обезбедени 136 милиони евра од Европската инвестициска банка. Сега се чека Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ да го потпишат договорот за градба.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста