Евроамбасадорот Гир: Нема напредок во борбата против корупцијата во Македонија

Разочарувачки се резултатите во борбата против корупцијата во Македонија, алармира Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во државава, Дејвид Гир. Главните причини за високото ниво на корупција биле негативното политичко влијание и нефункционалниот правосуден систем, како и отсуството на интегритет. Оцени и дека темпото на спроведување на реформата во делот на човечките ресурси во судовите, обвинителствата е премногу бавно и ја истакна потребата од независни судии и јавни обвинители кои ќе дејствуваат без притисоци.

Според него, борбата против корупцијата е од клучно значење, не само затоа што Македонија е во процес на преговори со ЕУ во рамките на кој оваа обалст ќе биде дел од сите поглавја, туку уште поважно е што е во интерес на сите граѓани заради иднината, заради квалитетот на живот, особено за младата генерација која често гледа излез надвор од земјава.

  • Иако гледаме некаков напредок во реформите врзани со владеењето на правото, борбата орстанува разочарувачка. Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега премалку е постигнато. Нивото на имплементација е недоволно, изјави евроамбасадорот Гир.

Гир уште еднаш кажа дека се неопходни проактивни истраги, ефикасност на обвинителството и борба против корупцијата на сите нивоа. Притоа потсети дека судството има клучна улога во борбата против корупцијата.

  • Потребни се независни судии и обвинители за да се врати јавната доверба во судството, рече Гир и потсети дека ЕУ инвестираше многу во борбата против корупцијата во земјава и сега е време да се испорачаат видливи резултати.

И додека евроамбасадорот алармира дека состојбата во Македонија не чини, само 10% од планираните активности од Акцискиот план од Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси се реализирани, а причина за тоа била слабата посветеност на институциите, признава вицепремиерката задолжена за добро владеење.

  • Институциите мора да бидат и поодговорни и поагилни зошто од вас зависи и од сите нас зависи прогресот на државата. Мора да ги знаеме мерките зошто го баравме ова заради тоа што мора да знаеме какви мерки и активности секоја институција треба да преземе за да може потоа да разговараме и да процениме колку се релевантни и колку се соодветни, дали се во насока на исполнување на препораките на ЕК и целите на Стратегијата, а она што е подеднакво важно овие мерки и активности да бидат конкретни, со конкретни рокови, да содржат показатели за успешност за да може да се следи прогресот. Се друго би било еден вид импровизација и формалност која што воопшто не е стилот на работење на Кабинетот – оние што имале прилика да соработуваат со мене во изминатиот период знаат дека е тоа така и со оглед на тоа што немаме време за чекање уште помалку имаме време за губење. Денеска сме тука за заедно да ги детектираме сите чекори, конкретни чекори со конкретни рокови што треба да се направат за краток рок, рече Грковска. 

Грковска порача и дека е потребно будење на институциите со цел да дадат свој придонес за поефективна борба. Лошата состојба во земјава се должи на слабата посветеност на институциите, честите смени на министрите, политичките влијанија при вработувањето со што резултатот е непрофесионална администрација. Па така, според резултатите од последниот Извештај за спречување корупција и судир на интереси, во Македонија и натаму царува непотизам и институционална и индивидуална неказнивост.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста